Ученици од СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица постигнаа значаен успех на Државниот натпревар по англиски јазик за средните училишта, кој се одржа на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје, во организација на Здружението на наставници по англиски јазик – ЕЛТАМ.
Во категоријата на ученици од прва година, Елена Георгиевска и Ивана Георгиевска се закитија со II награда, под менторство на професорката Зорица Паликарова-Карадакова.
Во категоријата на втора година, Стефан Проданов освои III награда, под водство на неговиот ментор, професорката Македонка Босиљанова.
Во конкуренција на учениците од трета година, Давид Јанев се здоби со III награда, под менторство на професорката Зорица Паликарова-Карадакова.
Овој успех претставува потврда за квалитетната работа и посветеност како на учениците, така и на нивните ментори. Од СОУУД „Димитар Влахов“ упатија честитки до добитниците и им посакаа уште многу идни успеси.