Никој да не се обидува да игра на политиканство и на етничка карта, никој нема да биде поштеден.
Премиерот Христијан Мицкоски жестоко возврати на обвинувањата од ДУИ дека власта, институциите и наводно провладини портали наведувувале оти Албанец од ДУИ стоел позади издавањето на лиценцата за дискотеката во Кочани. Пораката од власта е јасна: одговорност мора да има без разлика на партиска, етничка и друга припадност
Да им одговорам на оние што прават полноќни прес-конференции. Тука нема политика. Ќе одговарате сите кои што сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на животите кои овие деца ги загубија. Нема да имам милост, од дома ќе ги вадиме ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство со кое вчера се обидоа со тие полноќни прес-конференции. Од дома за уши ќе ги вадиме, ова треба да го знаат . – Христијан Мицкоски Претседател на Влада.
Откако се обидоја да играат на етничка карта, и тоа преку изјава од пред полициската станица каде на распит беше екс министерот Крешник Бектеши , денеска од матичната партија од поранешниот министер тврдат дека Министерството за економија лани не издало лиценца за работа на дискотеката во Кочани. Тие тврдат дека Бектеши нема никаква врска со издавањето на фалсификат лиценцата која што ја покажаа властите, а ако воопшто имало фалсификат тоа било лична одговорност. Обвинуваат дека Владата се обидувала со конструкции да го насочи гневот за трагедијата во Кочани. Одговорноста ја префрлаат кај локалната власт.
Крешник Бектеши и Министерството за Економија во 2024 година токму пoради неисполнување на услови ниту дал одобрение, ниту административните служби во Министерството за економија издале лиценца за ова кабаре односно ноќен клуб за работа. Овој факт се обидува некој да го дефокусира со наводен фалсификат кој не се знае дали постои, кој го направил, а можно е да е креиран токму за цел да се избегне одговорност за оние кои се власт 3 години, а дозволиле цела година без лиценца илјадници настани да се одвиваат во објектот каде се случи кобниот настан, рече Адеми.
Од опозициската СДСМ пак денеска свикаа вонредна прес – конференција која беше во посмирен тон од синоќешната. Филипче не бараше оставки, за разлика од неговата заменичка туку порача дека мора да има одговорност
„Сега не е време за поделби. Треба да покажеме верба во принципите, во правдата и во институциите. Секој што носи одговорност мора да се соочи со последиците, а секој чин на морална одговорност е добредојден“, рече Филипче.
Од Владата нагласуваат дека ќе се чешлаат сите угостителски објекти, а дури и најмал недостаток да постои нема да биде простено.