Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека вредноста на суспендираните честички (PM10) од 100 мг/м3 е надмината на мерните станици во Кичево, Тетово, Кавадарци, Куманово и Струмица.
Во Куманово, на 17 декември, средната концентрација на овие честички била 122,96 мг/м3, а на 18 декември – 118,86 мг/м3.
Ако за два последователни дена се надмине прагот на алармирање за PM10 (среднодневни концентрации над 150 μg/m3), Владата препорачува институциите да преземат мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Препораките вклучуваат користење јавен превоз, ограничување на употребата на приватни возила, возење на повеќе лица во едно возило и избегнување на согорување на штетни материјали како отпадно масло, лакирани и обработени дрвени отпадоци, гума и ПЕТ амбалажа.
Од здравствен аспект, Институтот за јавно здравје препорачува ограничување на активностите на отворено, особено за ранливи групи како деца, бремени жени, и лица со хронични болести, особено кардиоваскуларни и белодробни заболувања, како белодробна астма.
Мерките за информирање се поблаги во споредба со алармирањето, но имаат за цел намалување на концентрациите на загадувачите и заштита на здравјето на граѓаните.