На синоќешниот состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Локалниот клуб (ЛК) во Струмица доби нов претседател. Со едногласна поддршка, за лидер на клубот е избран младиот активист Христијан Ефтимов.
Роден на 29 август 2002 година во Струмица, Ефтимов е студент по менаџмент на човечки ресурси, со искуство во градежната индустрија и угостителството. Работи како одговорно лице за продажба на станови, набавка на материјали и надзор на градежни операции, а истовремено изгради значителни комуникациски и организациски вештини како менаџер во угостителството.
Христијан е дел од СДММ од 18-годишна возраст, со значаен придонес во организирањето трибини, обуки и други младински активности. Последните две години беше член на Извршниот одбор, а сега е и член на Централниот одбор на СДММ.
Неговата визија е да создаде инклузивна платформа за младите, која ќе биде двигател на позитивни промени и успеси.