strumica denes logo

ЕПИСКОП ЈАКОВ СО ПОРАКА ДО ЗАКОНОДАВЦИТЕ: ПОЧИТУВАЈТЕ ГИ ГРАНИЦИТЕ ШТО ВИ ГИ ПОСТАВУВА УСТАВОТ – ЗБОРУВАМ ЗА ПРАВОТО НА РОДИТЕЛОТ ДА БИДЕ РОДИТЕЛ!

Автор:

Датум:

ноември 27, 2026

Автор:

Датум:

ноември 27, 2026

За границите на државната власт и слободата на човечката личност.

На протестниот марш одржан на 25 ноември во Скопје, организиран од добро познати структури, овојпат под името „Ниту една повеќе“, видовме типични воук перформанси со карактеристичната фашизоидна реторика. Повторно си ја приграбија улогата на неприкосновени борци против злото, а сите што не се со нив по автоматизам се „лоши момци“ и насилници. На пратениците им поставија и рок – до 10 декември да донесат измени на пакет од осум закони.

Но, овојпат би сакал да ѝ посочам на македонската јавност нешто многу позначајно од реториката на протестите – законската архитектура во која веќе е вградена една определена идеолошка интерпретација на човекот, семејството и општеството.

Кој сè врши притисок да се донесат измените?

Притисокот на невладините организации на улиците е проследен со политички притисок во Собранието. Од кого, ако не од СДСМ?

Барањето на Јована Тренчевска за вонредна собраниска седница повторно го актуализира прашањето за синергијата меѓу политичките и најопскурните антисемејни невладини структури, за чиј институционален континуитет веќе пишував. Основниот закон беше донесен во јануари 2021 година, во нивно време. По речиси шест години, легитимно е да се постави прашањето за политичката одговорност на Мила Царовска и нејзините владино-невладини другарчиња, но и на политичарите што денес бараат одговорност од сите, само не од себеси, а тогаш беа креатори на овие политики.

Каде се резултатите од примената на законот и врз основа на каква евалуација на неговата ефикасност денес се инсистира на негово надградување?

Истите прашања се однесуваат и на предлагачите на измените, кои седнаа на работна маса со истите структури што сега протестираат пред институциите. Но, за да разбереме што се надградува, неопходно е да се запознаеме со основниот закон, за кој денес речиси никој не зборува, небаре со донесувањето на измените ќе престане да важи. Напротив, значително ќе се прошират можностите за негово спроведување.

Што, всушност, регулира овој закон?

На оние што сè уште не го прочитале основниот закон – а претпоставувам дека меѓу нив има и пратеници што наскоро ќе гласаат за неговите измени – би им препорачал особено внимание да им посветат на членовите од 33 до 38. Ќе забележат дека законодавецот не се занимава само со превенцијата од насилство и заштитата на жртвите.

Во членот 35, меѓу посебните превентивни мерки што треба да ги презема МОН, ќе го најдете и сеопфатното сексуално образование. Затоа не чудете се зошто антисемејниве движења инсистираат да се врати ССО онака како што тие го креираа.

Во членот 36, концепцијата за елиминирање на стереотипите за родовите улоги, базирани на културата, обичаите, верата и традициите, е предвидена и во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.

А во членот 38 ќе го прочитате следново: „Црквите, верските заедници и религиозните групи се должни да се воздржат од изјави, соопштенија или објави со кои се оправдува родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство како резултат на религија, култура, традиција или обичај.“

Како епископ на МПЦ-ОА, немам никаква дилема околу недопустливоста на оправдувањето на насилството. Достоинството на човечката личност за Црквата не произлегува од законодавството на државата, ниту е придобивка од некоја современа идеологија. Тоа произлегува од боголикоста на човекот.

Но, кој, согласно со концепцијата на овој закон, ќе определува што претставува родов стереотип, што психичко насилство и каде завршува слободата на верското уверување и неговото изразување?

Веќе знаеме од реториката која ја негуваат креаторите на основниот Закон што мислат тие за христијанското разбирање на различноста на мажот и жената и како го толкуваат. Кој ќе направи дистинкција врз основа на ваков закон меѓу злоупотребата на родителскиот авторитет и самиот родителски авторитет? Сме се увериле дека недвосмислено го поистоветуваат понижувањето на човечката личност и несогласувањето со нечие разбирање на сопствениот идентитет.

Доколку овие дистинкции не се доволно прецизни, нивното утврдување му се препушта на оној што ќе го спроведува законот.

Од законските дефиниции до проценката на вашите уверувања

Законодавецот во членот 3 прави дистинкција меѓу пол и род и ја воведува категоријата трансродово лице, без притоа да предвиди возрасно ограничување, со што дефиницијата ги опфаќа и малолетниците. Во членот 5, пак, родовиот идентитет го утврдува како посебна основа за заштита од дискриминација, без во самиот закон да го дефинира овој поим. Овие категории не се предмет на некаква академска расправа, туку се составен дел од законската рамка врз основа на која институциите постапуваат.

Психичкото насилство е дефинирано преку однесување што подразбира присилба, заплашување или закана, со последици врз достоинството и психичкиот интегритет на личноста. Самото несогласување со нечие уверување не ги исполнува овие услови.

Меѓутоа, во членот 3 од правилникот од септември 2025 година, на стручните лица во центрите за социјална работа им се наложува да постапуваат врз основа на родово разбирање на насилството. Во членот 9, пак, при проценката на ризикот се разгледуваат и „фактори кои се поврзани со лични ставови, вредности, состојби и однесување на сторителот“. Со членот 13 од предложените законски измени оваа дистописка можност се внесува директно во законскиот текст, во членот 50 став (4), при што личните ставови и вредности стануваат критериум при проценката на ризикот и за полициските службеници.

Лични ставови и вредности?!

Не спорам дека ставовите со кои се оправдува насилството, заканите или присилната контрола можат да бидат релевантни при проценката на ризикот. Но, кој ќе гарантира дека во рамките на законски пропишаната родова перспектива предмет на негативна проценка нема да стане самото верско или морално уверување на граѓанинот?

Замислете две семејства со идентични околности. Едниот полициски службеник го препознава мирното изразување на верските убедувања на родителите како легитимен чин на воспитување, а неговиот колега, со поинакви уверувања, истото однесување го проценува како фактор на ризик. Дали тогаш зборуваме за правна сигурност или за зависност на правата на граѓанинот од светогледот на службеното лице?

Погодете кој ги креира програмите за обука и ги едуцира полициските службеници, социјалните работници и другите професионалци што утре ќе ги проценуваат нашите лични ставови и вредности? Кој ја контролира содржината на тие обуки?

Кој ќе ги воспитува нашите деца?

На пример едно православно семејство, чие малолетно дете почнува да се преиспитува во однос на својот полов и родов идентитет. Загрижените родители го повикуваат во својот дом семејниот духовник. Духовникот му го изложува на детето христијанското антрополошко разбирање на човекот, неговата телесност, половата различност и смислата на човечкото постоење. Родителите му ги изложуваат своите убедувања. Без закани, без навреди, без понижување, со сета љубов и грижа за своето дете.

Да претпоставиме дека детето, под влијание на содржините на часовите по ССО, не се согласува со нив, а трето лице, запознаено со разговорот, го квалификува нивното однесување како психичко насилство и поднесува пријава. Во членот 40 од основниот закон е предвидена обврска за пријавување на насилството, а институциите се должни да постапуваат и по анонимна пријава. Пријавата не е доказ за насилство, но може да биде почеток на институционална постапка во која се земаат предвид и личните ставови и вредности.

Кој ќе утврди дали разговорот претставувал чин на родителско воспитување или психичко насилство? Какви гаранции има семејството дека неговите верски убедувања нема да бидат предмет на погрешна институционална квалификација?

Да одиме и чекор понатаму.

Замислете родители на шеснаесетгодишно дете кое изразува желба за „промена на пол“. Свесни за можните долгорочни последици по здравјето на детето, родителите инсистираат на дополнителни стручни консултации и одбиваат да дадат согласност за медицински интервенции. Законот не им наложува да дадат таква согласност. Но, дали нивната претпазливост ќе биде препознаена како одговорно родителство или погрешно ќе се протолкува како непризнавање на родовиот идентитет на детето и извор на неговото психичко страдање? Со предложените законски измени се воведува и мерка за привремено ограничување на контактите и комуникацијата со детето.

Кој ќе ја преземе одговорноста доколку институциите неоправдано го ограничат родителот токму кога неговото дете има најголема потреба од него? Не зборувам за право на родителот да го малтретира своето дете. Такво право не постои. Зборувам за правото на родителот да биде родител, да го воспитува детето, да му ги пренесува своите вредности, да разговара и да не се согласува со него, а притоа да го почитува неговото достоинство.

Доколку државата не ја обезбеди оваа слобода, тогаш во што се состои родителството?

Детето како заложник на нарушените семејни односи

Да претпоставиме дека меѓу двајца сопружници во бракоразводна постапка постои спор околу доверувањето на децата. Едниот родител го обвинува другиот дека со своите христијански семејни вредности и воспитен однос создава психички штетна средина за децата. Предложениот член 43-а, кој се однесува на детето како жртва, и новата мерка од членот 58, точка 11, за привремено ограничување на контактите и комуникацијата со детето, треба да се разгледуваат и во контекст на ваквите семејни спорови.

Доколку погрешно се утврди постоење на насилство и непосредна опасност, едниот родител би можел да биде отстранет од домот, а неговите контакти со децата ограничени со судска одлука.

Што доколку подоцна се утврди дека обвинувањата биле неосновани? Кој ќе му го надомести на детето времето поминато без својот родител и ќе го санира нарушениот однос меѓу нив?

Најдобриот интерес на детето подразбира заштита од насилство, но и од неоправдано прекинување на односите со неговите родители. Државата е должна да ги обезбеди и двете.

А од што треба да се воздржи државата?

Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста и мислата во членот 16, слободата на вероисповедта во членот 19, приватноста на личниот и семејниот живот во членот 25, а во членот 40 правото и должноста на родителите да ги воспитуваат своите деца. Зарем државата, која е должна да ги гарантира овие слободи, смее да дозволи тие да зависат од светогледот на службеното лице?

Не можам и не сакам да тврдам дека сите посочени хипотетички ситуации нужно ќе се реализираат. Но, зарем треба да почекаме да се реализираат за да ја согледаме потребата од ефективни правни гаранции?

На крајот, ќе се навратам на членот 38 од основниот закон, во кој законодавецот нè потсетува нас, претставниците на Црквата и верските заедници, од што сме должни да се воздржиме. Од оправдување на насилството, секако. Но, не треба државата да ни го каже тоа. Тоа го кажува Евангелието.

И ние имаме должност да ги потсетиме претставниците на законодавната и извршната власт од што тие се должни да се воздржат. Од посегнување по слободата на човечката совест, од узурпирање на родителските права и од надминување на границите што им ги поставува Уставот.

А од сведочење на вистината и од укажување на опасностите што произлегуваат од нивните политики, немаме намера да се воздржиме.

– Епископ Стобиски Јаков