Младите во Македонија и Црна Гора се последните во Европа кои ги напуштаат домовите на своите родители, се вели во анализата на статистичкиот портал „Ланџист“, врз основа на податоците на Евростат.
Балканот е на врвот на оваа листа. Младите во Црна Гора живеат со своите родители во просек до 33,3 години, во Македонија до 32,1, во Хрватска 31,8, во Србија до 31,5, Грција 30,6, додека во Бугарија до 30 години.
Во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години живеат со своите родители. Во Северна Европа овој процент е под 20%, па дури и под 10%.
Младите во скандинавските земји порано ги напуштаат домовите на своите родители. Со просечна возраст од 21,4 години, младите Финци најрано заминуваат. Веднаш зад нив се Данците и Швеѓаните со 21,8, па Норвежаните со 22,5 години.
Меѓу западноевропските земји, младите Шпанци и Португалците живеат подолго со своите родители, односно до 30,4 и 29,1 година. Младите Британци стануваат независни со 24,6 години, Германците со 23,9, а Французите со 23,7 години.