strumica denes logo

НЕДЕЛНА РУБРИКА СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Важноста на ПАП тестот во борбата против ХПВ инфекцијата!

Автор:

Датум:

септември 29, 2024

Автор:

Датум:

септември 29, 2024

Human papilloma virus – ХПВ

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМАТА

ПРОДОЛЖЕНИЕ:

ХПВ вирусна инфекција е често причина за загриженост и паника кај пациентките. Факт е дека присуство на ХПВ вирус може да предизвика карцином но тоа не значи дека кај секоја жена со ХПВ, со сигурност ќе предизвика цервикален карцином или друг тип на карцином.

Што треба да знаете за ХПВ ?

ХПВ е вирус кој се пренесува преку контакт кожа-со-кожа или сексуален однос. Постојат повеќе од 120 типови на ХПВ вируси, од кои 40 се пренесуваат преку сексуален контакт и се поделени на високо-ризични и ниско–ризични. Високо-ризичните типови се асоцирани односно во повисок процент се причина за настанување на цервикален карцином или друг тип на карциином. Ниско-ризичните се поврзани со појава на кондиломи ( брадавици).

ХПВ вирусните инфекции се чести и се смета дека кај секој човек може да се пренесе односно изолира, дури и да се има еден сексуален партнер.

ХПВ симптоми

Најчесто носителот на ХПВ и не знае дека има ХПВ и нема никакви здравствени проблеми.

90% од ХПВ инфекциите спонтано се повлекуваат после 2 години. Доколку вирусот не се повлече после одреден временски период постои опасност да предизвика здравствени проблеми, како кондиломи и папиломи.

ХПВ вирусна инфекција која е активна подолг период може да предизвика цервикален карцином – затоа правиме скрининг и пациентките ги тестираме доколку се најде промена на ПАП тест.

Регуларен скрининг за цервикален карцином – со ПАП и/или ХПВ типизација, може во многу рана фаза да дијагностицира ХПВ предизвикан цервикален карцином.

ХПВ тестови

Тестовите за ХПВ се различни кај мажи и жени

Протоколите за рана дијагноза на промени на грло на матка ( цервикс ) предизвикани од ХПВ препорачуваат, секоја жена да започне со ПАП тест после 21 година.

Потребни се регуларни ПАП контроли во тек на животот :

На возраст од 21 –29 години ПАП тест се прави на 3 години.

Од 30 – 65 години ПАП тест се прави на 2-3 години а ХПВ типизација се препорачува на секои 5 години.

( последните години возрасната граница од 65 год. се покачува, односно ПАП тест правиме и кај повозрасни жени )

Доколку се прави ПАП тест и ХПВ типизација доволно е тестот да се повтори на 5 години.

Овој скрининг протокол се однесува за редовни и рутински контроли, доколку на ПАП тестот се добие некој резултат со промена тогаш се прави ХПВ после ПАП тест.

Постојат околу 14 типови на ХПВ кои може да предизвикаат цервикален карцином и потребни се почести контроли или доплнителни тестирања доколку се изолираат.

Најчесто после промена на ПАП тест и изолирање на високо-ризичен ХПВ се прави колпоскопија.

Битно за секоја пациентка е да знае дека потребни се повеќе години за одредена промена на ПАП и ХПВ инфекција за да предизвикаат цервикален карцином. Затоа се потребни контроли на 2-3 години.

ХПВ третман

Во најголем број на случаеви ХПВ инфекцијата сама од себе се повлекува и не е потребен третман. Но затоа е потребна почеста контрола за да се провери дали после одреден период вирусот е сеуште присутен.

Кондиломите се лекуваат со каутеризација со радио-фрекфентна струја ( Proxima), со горење со течен азот и др.

Преканцерозните лезии на грло на матка се лекуваат со отстранување на дел од грлото на матката ( конизација , LLETZ ). Карциномите се лекуваат оперативно, со хемотерапија , радиотерапија .

Во моментов на пазарот не постои медикаментозен третман за ХПВ вируси, единствен начин за борба со овој вирус е подобрување на имунитетот – локален или општ. Односно во моментов користиме локална терапија која делува имуномодулаторно за да го потикнеме имунитетот кај пациентка во борба против вирусот и да спречиме вирусот подолго време да стои во клетките.

Како да спречиме ХПВ вирусна инфекција?

Најдобар начин за превенција од ХПВ вирус е ХПВ вакцина. Во моментов постои 9 валентна вакцина која помага во превенција на кондиломи и карциноми.

9 валентна значи дека вакцината штити од 9 најчести типови на ХПВ.

Препорака е вакцината да се стави на возраст од 11 или 12 години.

За да се спречат здравствени проблеми предизвикани со ХПВ потребни се редовни рутински контроли за ПАП тест и ХПВ типизација.