ВОДНА КРИЗА
Мое лично мислење е дека се наоѓаме на почеток на водна криза која може да потрае и која бара трезвено размислување, одлучување и сплотеност. Навистина се надевам дека не сум во право, но само времето ќе покаже како и колку брзо ќе се реши овој навидум неочекуван проблем.
Проблемот со квалитетот на водата за пиење во општина Струмица не е неочекуван со оглед на сушниот период кој трае подолго време, но и целосната нерационалност во трошењето на водата во услови на суша. Целосната слика за проблемот се добива кога на ова ќе се додаде и неодговорниот менаџмент со балансирање помеѓу приоритети за употреба на вода за пиење или за наводнување, кога ќе се додаде и технологијата и опремата стара и амортизирана повеќе десетици години, кога ќе се додадат партиските препукувања, инаети и сопки…А капак на се е тоа што нема никакви инвестиции во водоснабдувањето, иако на сите дискусии за таа тема се ветувало и се ветува. И ете сега имаме проблем ама изгледа дека за решението ќе се почека.
Што точно е проблемот?
Моментално нивото на водата во езерото Турија е на многу ниско ниво и според некои проценки има околу 15 од максимални 50 милиони кубни метри вода. Тоа практично значи дека нема доволно вода за да се одржуваат на “проектирано” ниво параметрите на растворени минерали и метали во вода и затоа на влезот во фабриката за вода доаѓа сирова вода со зголемени концентрации. Нешто како талог на дно на филџан кафе пред да се испие последната голтка и која е најконцентрирана со растворено кафе и ситен талог.
Технологијата и опремата моментално инсталирана за преработка на сирова вода, не е во состојба да постигне за да ги исфилтрира сите зголемени концентрации во законски дозволените граници и затоа преработената вода не одговара за пиење. Поради тоа што неофицијално се работи за тежок метал кој се таложи во организмот (конкретно е манган но сосема е можно да има и други) не помага превривање, ни хлорирање и затоа не треба на никаков начин да се консумира.
И со оглед на сето кажано, многу е веројатно дека проблемот нема да се реши се додека не се наполни езерото Турија со доволни количини вода за да го доведе балансот на растворени супстанци во прифатливи граници. Или поинаку кажано, минимално ќе биде потребно поголеми количини дожд во најбрз можен рок. А кога ќе има дожд, тоа си е Божја работа…
Ова подразбира да се прекинат препукувањата зошто пред сите нас е водна криза и наместо да се вадат политички поени и очи, потребно е да се седне на маса и заеднички да се разгледаат сите можни алтернативи за ублажување и приспособување, барем додека не се успее некако да се санира оваа ситуација.
Во меѓувреме цената на пакуваната вода во нашата општина не смее да се покачува, да се регулира количината на пакувана вода во трговијата за да има солидарност, водата иако техничка мора максимално да се штеди, мора да се организира снабдување со питка вода од цистерни за цел град и населените места, и можеби ќе е потребно да се воведат рестрикции зависно од проценките на стручните лица.
Долгорочно потребни се инвестиции во нова техологија и опрема за нова фабрика за вода, потребни се инвестиции во обнова на водоводната мрежа која моментално има загуба на околу 40%-50% од преработената вода, потребно е обезбедување на резервен извор на питка вода, потребно е ригорозен и рационален менаџмент со водата на секое ниво вклучително и со хидросистемите за наводнување за кои исто така потребни се инвестиции за заштеда на вода.
И пред да почнат лични прозивки и “вадење очи” поради ова што го кажав од страна на нови и стари “активирани” политички фигури, декларирани и во сенка, а во име на некаква “политика” и добивање на “политички” поени, пожелно е да знаете дека јас лично како советник веќе имам зборувано во Советот на општина Струмица токму за овие работи.
Но ретко кој, со чесни исклучоци, се интересира за нештата пред да се случат и особено ако за тоа се зборува со “досадни” факти. Ама пак за плукане или за ракоплескане од интерес има многу “сеирџии” што не разбираат дека локалната политика не е ПР што најчесто го гледате во парламентот, по медиумите и меѓу партиските пропаганди… Напротив, потребно е знаење, искуство, капацитет за предвидуване и решавање на проблеми ама и растеретеност од партиски директиви, стеги и лукративни интереси.
Затоа најпрво треба да ја решаме водната криза што е пред сите нас, а дури потоа кој сака нека лови вештерки и нека се препукува за партиски интереси. Граѓаните токму тоа очекуваат да го видат на дело!
П.С: За финансиите на ЈПКД Комуналец поврзано со сметки за уписи, отписи, жонглиране и што се не, се има многу материјал кажано на седници на Совет и по документи ама порано не беше интересно да се гледа оти не се разбира, ама сега откако сите партии влегоа во кампања за локални избори, одма почнаа да се трескат глупости, ама така од страна од страна, оти па и кадрите шо говорат толко разбират. Колко да се каже нешто и да звуче паметно во ситуацијата кога има вонредна ситуација со вода. Лешинарска работа баш кога не треба политикантство…