Парламентот на Грузија денес во второто читање усвои пакет законски измени за ЛГБТ пропагандата во земјата, а измените ги подржаа 81 пратеник.
Веднаш реагираше Европската Унија, потсетувајќи дека поради новите законски измени, „процесот на влегување на Грузија (во ЕУ) фактички е сопрен“. Брисел порача и дека ја повикуваат Грузија да се врати на патот на интеграцијата и уште еднаш да ги разгледа законските измени бидејќи тие ќе доведат до поголеми тензии во односите на Грузија и ЕУ, доколку бидат конечно усвоени.
Со новите измени Грузија ги забранува истополовите бракови, промена на полот (со закана со казна затвор од една до четири години, во случај на кршење на законот), ЛГБТ пропаганда во образовните установи (за што е предвидена парична казна од околу 532 долари во случај на физички лица, и повеќе од 1.400 за правни лица).
Се забранува и телевизиско емитување на содржини со сцени на истополов секс, како и пласирање реклами со таква содржина. За дистрибуција на реклами со ЛГБТ тематика, предвидена е казна од околу 284 долари за физички, и околу 886 долари за правни лица.
На списокот на забрани се најдоа и ширење на материјали за промена на полот или хомосексуални врски меѓу малолетници, а се забрануваат и јавни собири или демонстрации со цел промовирање на ЛГБТ тематика, промена на полот, инцест и усвојување деца за кои би се грижеле истополови двојки.
Сите прекршоци за кои е предвидена парична казна, според новите измени, може да вклучуваат и затворска казна до две години.