Бројот на добитокот кој се одгледува во Македонија последниве години бележи постојано опаѓање. Освен кај свињите каде има зголемување на бројот на примероци во земјава, кај дргите типови има обратен процес. Бројките говорат дека во нашата земја има се помалку говед, овци и живина.
Последната анализа на Државниот завод за статистика „Македонија во бројки“ открива дека кај говедата бројот на примероци во земјава се намалил на 149 илјади грла, од некогашните 238 илјади грла пребројани во 2013 година. Интересно е да се посочи дека иако нивниот број растел изминатите години, во 2023 година значително опаднал. Како што покажваат бројките во 2018 година во Македонија имало 256 илјади грла.
Кај овците загубите не се толку големи, но во ниеден случај не се за потценување. Во 2013 година биле пребројани 732 илјади грла овци, додека нивниот број минатата година се намалил на 587 илјади грла.
Кај живината од 2.202.000 избројани во 2013 година, статистичарите утврдиле дека нивниот број спаднал на 1.746.000 во текот на минатата година.
Единствено кај свињите има позитивни тенденции, бидејќи бројот на одгледувани свињи се зголемува. Од 167 илјади грла избројани во 2013 година, нивниот број се зголемил на 193 илјади грла во текот на минатата година.
– Во 2023 година, бројот на сите видови добиток и живина бележи опаѓање. Производството на овчо и на живинско месо е во пораст во 2023 година, споредено со претходните години, додека производството на говедско и на свинско месо е во опаѓање – посочуваат статистичарите.
Инволвираните во земјоделството во Македонија велат дека кај нас има тенденција на напуштање на земјоделството, поради што се намалува и бројот на добиток. Фамерите укажуваат дека имаме системски проблем кој го кочи развојот на секторот, и потенцираат дека сега производството се оддржува благодарение само на повозрасните граѓани кои не сакаат да се откажат од одгледувањето домашни животни.
– Родителите на сопругот со децении одгледуваат крави и произведувале млеко. Ние помагаме, но тежината ја носат они. Иако работиме земја и од неа имаме големи приходи, факт е дека ако тие не можат да се грижат за петте крави кои ги имаме, ние ќе ги продадеме. Чувањето стока е макотрпна работа, а трудот не е исплатлив. Потребна им е храна три пати во денот, одмолзување на кравите исто така три пати, па средување на млекото, да не зборуваме за чистење. Млекото се откупува по ниски цени, затоа гледаме да го продадеме на комшии или жители од околината кои сакаат домашно млеко, инаку не се исплати чувањето на кравите – вели една жителка на скопското село Драчево.