strumica denes logo

СРПСКАТА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА: ОДНОСИТЕ НИ СЕ БРАТСКИ, ИЗЈАВИ Г.ПОРФИРИЈ!

Автор:

Датум:

јануари 9, 2024

Автор:

Датум:

јануари 9, 2024

– Како ги оценувате односите со Македонската православна црква? Помина година и пол откако ја доби автокефелноста од СПЦ?

Г. Порфириј: Односите со Македонската православна црква, како што неодамна беше прецизно речено, не се добри, туку се братски. Автокефалноста на МПЦ, барана и добиена на канонски и на начин според светото предание, во дијалог на братска љубов лишена од политички притисоци и скриени еднострани, утилитарни цели од било која страна, никогаш не треба да не плаши, туку треба да го радува секој од нас. За тоа постојат многу причини, а јас ќе наведам само неколку. Првата и најважна причина е тоа што, по добиеното канонско и ефхаристиско единство кое претходеше на давањето автокефалност, а потоа и со самиот чин на давање на таквиот статус, не се оддалечивме и не се раздвоивме, туку на многу подлабок содржаен и егзистенцијален начин се зближивме и се обединивме. Живеејќи и општејќи во полнотата на црковното искуство и заедништво, како членови на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, со радост и со надеж гледаме како од меѓусебните односи меѓу МПЦ и СПЦ се развиваат и се раѓаат првите плодови. Нашите клирици заедно богослужат, нашите просветни институции развиваат активна соработка, се создаваат и се продлабочуваат лични пријателства, се обединуваат силите за поактивна и делотворна мисија во современиот свет како и на трусното балканско подрачје на кое што живееме заедно. Јасно е дека сето ова не поминува без злонамерни критики, како и различни обиди сето ова да се искомплицира, а односите да се обременат. Никогаш не смееме да заборавиме дека недоразбирањата меѓу Србите и Македонците би им одговарале на многумина. А добрите односи им одговараат на македонскиот и на српскиот народ. Затоа, останува на сите нас, со големо внимание и грижа ваквите односи да ги развиваме и во иднина сѐ повеќе и сѐ поуспешно.

Сакам да го додадам уште и мојот личен впечаток. Колку пати и да сум бил во Македонија во последно време, пречекан и примен сум така што да не се почувствувам дека сум гостин. Сугурен сум дека така се чувствува и Архиепископот Стефан, неговите епископи, но и сите наши браќа Македонци кои доаѓаат во Србија. Поблиски немаме. Ги негуваме, а не ги расипуваме, пријателските и братските односи со сите, а особено со оние кои по сѐ ни се најблиски.

(Извадок од ексклузивното интервју на Неговата светост патријархот српски г. Порфириј за српскиот весник ,,Политика”)