strumica denes logo

Роден сум од грутка земја и затоа сум кршлив – вечните стихови на струмичанецот Никола Маџиров

Автор:

Датум:

октомври 18, 2023

Автор:

Датум:

октомври 18, 2023

Следниот пат кога ќе имате дискусијата за тоа кој е најдобриот современ македонски поет, слободно кажете го името на Маџиров. Така ќе бидете сигурни дека не сте погрешиле со изборот.

А доколку не сте прочитале ништо од него, време е да почнете да ја поправате грешката.

Никола Маџиров е роден на 27 мај, 1973 година во Струмица. Пишува за времето кое нè одминува, историјата на која грчевито ѝ се навраќаме како некоја хронична кашлица, љубовта која тлее, воскреснува, скапува или испарува.

Пишува за навидум неважни, а толку суштинско важни нешта. Со неговата поезија ќе ви се отвори сосема нова димензија на мајчиниот јазик каков што го познавате.

Слободно може да се констатира дека по малку ќе се вљубите во поезијата, макар не биле најголем обожавател на истата. И ќе посакате да прочитате уште многу, многу негови стихови.

Посегнете по некоја од неговите стихозбирки – Заклучени во градот, Некаде никаде, Асфалт, но небо, Во градот, некаде.

Ние издвоивме три прекрасни песни од стихозбирката Преместен камен. Прочитајте ги и почувствувајте работи кои не сте ни знаеле дека ги чувате длабоко во себе:

КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА
СЀ, ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА
Во прегратката зад аголот ќе препознаеш
дека некој некаде оди. Секогаш е така.
Живеам меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник. Моето срце собира
сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.
Така е секогаш. Четвртина од будноста
ја трошиме во трепкање. Нештата
ги забораваме уште пред да ги изгубиме –
тетратката по краснопис, на пример.
Ништо не е ново. Седиштето во
автобусот е секогаш топло.
Последните зборови се пренесуваат
како накосени кофи во вообичаен летен пожар.
Утре пак ќе се повтори истото –
лицето пред да исчезне од фотографијата
првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува
сè што е создадено се враќа.

ПО НАС
Еден ден некој ќе ги здипли нашите ќебиња
и ќе ги прати на хемиско чистење
од нив да го истрие последното зрнце сол,
ќе ги отвори нашите писма и ќе ги реди по датуми
наместо по исчитаност.
Еден ден некој ќе го размести мебелот во собата
како шаховски фигури на почеток од нова игра,
ќе ја отвори старата кутија за чевли
во која ги чуваме паднатите копчиња од пижамите,
недотрошените батерии и гладта.
Еден ден ќе ни се врати болката во ‘рбетот
од тежината на хотелските клучеви и
сомнежот со кој рецепционерот ни го подава
далечинскиот управувач.
Туѓите сожалувања ќе тргнат по нас
како месечина по заталкано дете.

СЕНКИТЕ НЀ ОДМИНУВААТ
Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.
Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават својот прав врз нашите образи.
Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.
Еден ден сите сенки
ќе нè одминат.