ДУИ 22 години е дел од сите порази на Македонија, од сите афери, сите скандали, од сите патења на народот. И затоа испраќам јасна и недвосмислена порака, тука, од заедничкото Тетово, од народот до ДУИ и Али Ахмети: Доста е. Дотука беше. Доста крадевте и градите среќа на несреќата на народот. Време е за пензија и опозиција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на трибина во Тетово, зборувајќи за социјални политики против иселување и сиромаштија, во рамките на партиската акција „Ова е Македонија за сите“, истакна дека за градот под Шара на национално ниво се зборува тогаш кога има вести од црната хроника, како случајот кога изгоре болницата или кога има некаков инцидент, и на тоа многу често се дава етнички предзнак.
„Ваквата слика е креирана од истите оние кои профитираат од таквите случки, кои како реприза ја коваат оваа слика и го плашат народот, а народот, пак, надвор од стегите на политиката, оној реалниот народ необременет од политички интереси, совршено се согласува меѓу себе затоа што радостите се исти, исто како и нивните страдања кои секој ден стануваат сè поголеми. На таквите креатори на погрешната слика сакам да им кажам дека Тетово не е обична приказна од нашето секојдневие, Тетово е крстосница, но и тврдина на нашата култура. Колку и да сакаат некои поради свои интереси да ја преставуваат погрешната слика за Тетово, имам да порачам дека тетовчани се горди луѓе, луѓе домаќини и дека мојата грижа, мојот завет е подеднаков за овој град како и за сите места во Македонија“, рече Мицкоски.
Тој се осврна на 9 мај, денот кога се случи пресметката во Диво Насеље, во која животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили.
„Им оддавам почит на осумтемина припадници на МВР кои тој 9 мај 2015 година ги бранеа Уставот, слободата и суверенитетот на Македонија. И тој мој поклон за нивното дело не давам да се наруши или погани со ниту еден политички пазар за слобода на криминалците и терористите кои го нападнаа мирот и ги убиваа овие македонски херои. Пазар и политика каква во континуитет се прави над нивната судбина од актуелната власт, јас нема да правам. И тоа распродавање и пазар со нивното дело и имиња го прават само за да обезбедат опстојување на коалиција ДУИ-СДС, за само уште некој ден повеќе го крадат народот што е плаќање скапа и нечесна цена. И доста свесно и трезвено треба да се говори дека овие осуммина кои ги положија своите животи тоа го направија за слободата и мирот и за Македонците во Куманово, исто како и за Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците. Тоа беше за слободата на сите“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Диво Насеље не им одговара ниту на Македонците ниту на Албанците.
„Од оваа временска дистанца одговара на големиот брат во владата, ДУИ и неговиот подизведувач СДСМ кои 8 години потоа сакаат да печалат на оваа тема и преку тоа да ја додржат власта. Впрочем и Диво Насеље е последица на естаблишментот на ДУИ. Точно 22 години ДУИ е на власт, 22 години тие не живеат за Албанците, туку живеат од нив. Градејќи кариери на некаков лажен мит, на некаква лажна борба, зад која се кријат лични интереси и на сметка на крадење на народот. ДУИ 22 години е дел од сите порази на Македонија, од сите афери, сите скандали, од сите патења на народот. И затоа испраќам јасна и недвосмислена порака, тука, од заедничкото Тетово, од народот до ДУИ и Али Ахмети: Доста е. Дотука беше. Доста крадевте и градите среќа на несреќата на народот. Време е за пензија и опозиција. А тоа народот ќе ви го испорача на избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе ве испрати во пензија и во неславниот дел од историјата заедно со народот“, истакна Мицкоски.
Тој се осврна на Полошкиот Регион и рече дека луѓето се иселуваат.
„Побарајте ја фабриката за автомобили во Тетово која лани ја најавија. Празна ливада, фабрика нема. Тетово сè уште мака мачи со вода за пиење иако е под Шара. Во Шипковица камче не е помрднато од последните поплави. Ниту едно шарпланинско населено место нема канализација, а повеќето немаат ниту пристапен квалитетен пат. Денес сум во Тетово, сè помалку народ во населените места. Насмевки веќе нема. Празни маала, празни куќи и станови. И Албанците страдаат подеднакво како Македонците. Луѓето денес се иселуваат не само поради сиромаштијата туку и сè повеќе луѓе со добри или просечни примања ја напуштаат земјата затоа што не гледаат надеж, затоа што системот не фукнционира и затоа што го губат мотивот за живот во својата родна грутка поради сета немоќ и неспособност на власта и кликите кои владеат во Македонија. Плачот на мајката Македонка и на мајката Албанка по своите чеда кои си заминуваат еднакво тежи, срцата еднакво се кинат кога гледаат дека децата кои им се сè во животот си заминуваат затоа што оваа власт ја краде иднината“, рече Мицкоски.