Потребни состојки
- 500g готови кори
- 200ml минерална вода
- 100ml масло за јадење
- 1 пакетче прашок за печиво
- 500g мелено месо
- 1 средна главица кромид, ситно исечкана
- 1 лажичка мешан сув зеленчук
- 2 лажици масло за јадење
- сол и мелен црн пипер по вкус
Начин на подготовка:
- Најпрво подгответе ја тавата во која ќе го подготвите бурекот. Земете округла тава број 32 и премачкајте ја со масло за јадење;
- Во сад на страна промешајте ги минералната вода, маслото за јадење и прашокот за печиво;
- Во тава на загреано масло започнете да го пржите ситно исечканиот кромид. Додајте го меленото месо и гответе 2-3 минути на средна температура. Додајте го мешаниот сув зеленчук и зачинете со сол и мелен црн пипер по вкус. Гответе околу 10 минути додека месото не биде комплетно зготвено;
- Земете две кори и ставете ги во претходно подготвеното тавче, така што краевите ќе висат надвор од тавата;
- Пропрскајте со течноста од минерална вода и масло. Земете три-четири кори, стуткајте ги и ставете ги во средишниот дел од тавата. Пропрскајте со течноста и нанесете од филот со мелено месо. Повторно стуткајте три-четири кори, ставете ги во средишниот дел и пропрскајте со течноста. Нанесете од филот и повторете се додека не ви останат две кори;
- Поклопете го цело тавче со последните две кори, оставајќи ги краевите да висат надвор од тавчето;
- Превиткајте ги долните и горните краеви навнатре и полејте со преостанатата течност;
- Печете во загреана рерна на 190 степени околу 30-40 минути, или додека не добие убава златно кафена боја;
- Оставете бурекот малку да се излади, а потоа пресечете парчиња и послужете со шолја јогурт.