Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 ноември, денот посветен на Св. Јован Златоуст.
Свети Јован Златоуст е еден од најголемите цариградски патријарси. Се роди во Антиохија, во 354 година. Во младоста ги изучи грчките философи, а се дообразува во познатата Антиохиска школа. По смртта на родителите, се замонаши и почна строго да се подвизува. По својата мудрост се истакна уште во Антиохија, па подоцна, по барање на цар Аркадиј, беше поставен за патријарх во Цариград.
Бог го надари со дар на јасно расудување и убаво зборување, по кои едвај да е надминат од некого во историјата на Црквата. Се успокои во 407 година, во Ерменија. Од неговите мошти, главата се наоѓа во Успенската црква во Москва, а телото во Ватикан.
Се смета за еден од најучените светци, па се верува дека на овој ден вреди да се земе книга и да се прочита барем дел од неа. Сè уште се верува дека на овој ден жените не треба да земаат волна, конец или игли.