Српската Влада донесе одлука за извоз на два милиона литри масло за јадење во земјава со што увозниците веќе можат да набавуваат зејтин од Србија. Надлежните смируваат дека масло за јадење ќе има и апелираат граѓаните да не складираат залихи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера изјави дека ќе има доволно количини на храна, брашно и зејтин и дека нема место за паника. Истакна дека се прават напори за обезбедување на доволни количини на суровини и на производи кои се стратешки за државата.
Фактот што се набавуваат два или три пати повеќе зејтин, според Николовски, говори дека домаќинствата непотребно прават залихи.
-Граѓаните да не паничат, но и информациите да се пренесуваат јасно, транспарентно и вистинито. Фактот што се набавуваат два или три пати повеќе зејтин, говори дека домаќинствата непотребно складираат, рече Николовски.