„Дел од дидактичко – поучителни материјали и дел од опремата што „Невена за мене, за тебе, за нас” ги набавува за работа со децата.”
Здружението на граѓани „Невена за тебе, за мене, за нас“ од Радовиш со поддршката на Еуромакс Ресоурцес набави нагледни средства и дидактичко – поучителни материјали кои ќе помогнат за реализација на проектот „Бесплатен логопед за децата со пречки во развојот и децата од социјално ранливите категории“. Еуромакс Ресоурцес, инвеститорот на проектот за рудник за бакар „Иловица – Штука“, во изминатите месеци реализира поголема кампања под мотото „Со акција и дела за подобар живот СЕГА и ВЕДНАШ“ со цел преку локални проекти и соработка со невладиниот сектор се поддржи и населението во Југоистокот и да се намалат последиците од здравствено – економската криза предизвикана од Ковид пандемијата.
Претседателот на Здружението Гордана Здравковска вели дека проектите од социјална кохезија со кои се опфаќаат најранливите категории на деца, за да опстанат пред се зависат од надворешни поддржувачи.
„Деновиве имаме причина за радост. Односно за непречено функционирање и реализирање на проектите од социјална кохезија како што е и проектот „ Бесплатен логопед за децата со пречки во развојот и децата од социјално ранливите категории“, добивме донација од приватната компанија Еуромакс Ресоурцес во нагледни средства и дидактичко – поучителни материјали. Опремата значително ќе го подобри функционирањето на проектот„ Бесплатен логопед“, но и целокупното функционирање на детското катче „Невена“, каде нашите членови секојдневно преку низа активности го поминуваат слободното време“, вели Гордана Здравковска од здружението „Невена за тебе, за мене, за нас“.
Здружението постои веќе четири години, од кои две во услови на пандемија што дополнително го отежнува реализирањето на проектите.
„Поради пандемијата се соочивме со неочекувани потешкотиите со секојдневното функционирање, но сепак тимот на ‘Невена’ успева да ги реализира своите цели, бидејќи мисијата е јасна, подобар свет за сите деца. Посебно сме горди на нашите проекти од социјална кохезија ‘Бесплатен логопед’ и ‘Јога за деца и деца со пречки во развој’. Да работиш на проекти во кои се таргетирани деца од ранливите категории на семејства е благородна и возвишена мисија. Но за жал и исклучително тешко, затоа што секој ваков проект не може да биде самостојно финансиски одржлив доколку не биде поддржан од компании во кои општествената одговорност е високо изразена“, вели Здравковска и истакнува дека сакаат во иднина да ја продлабочат соработката со Еуромакс со цел и нивната мисија „За свет со еднаквост за сите за насмевка на секое детско лице“, де продолжи да радува уште многу деца.
Од Здружението изразуваат голема благодарност до компанијата бидејќи менаџментот на компанијата позитивно одговори на апликацијата која ја поднесоа по повикот на Еуромакс за поддршка на локални проекти пред неколку месеци.
Еуромакс ресоурцес, како докажан партнер на заедницата, во изминатиот период поддржа повеќе проекти, меѓу кои и поддршка за женското претприемништво, земјоделците, сточарите и малите бизниси во општините Босилово и Ново Село, како и за првиот етно – ресторан со едукативен пристап за деца со аутизам и спонзорство за обнова на каналите за наводнување во соработка со АД Водостопанство – Подружница Струмичко поле – Струмица.