МЛАДАТА МОДНА ДИЗАЈНЕРКА ДАНЧЕ ЛАЗАРОВА, ВО ПЕТОК СО СВОЈА ПРВА ИЗЛОЖБА ВО СТРУМИЦА!

јули 28, 2021

Струмица има млади со кои може гордо да се пофали. Прогресивно се зголемува бројот на организирани промоции на книжевни и ликовни дела на нивото на градот и општината. Овојпат, струмичани ќе имаат можност да уживаат во нешто поразлично – изложба на модни креации, подготвени од вештите раце на 19 годишната Данче Лазарова.

Љубовта кон естетиката и креативниот ум се основата за работа како моден дизајнер, а Данче тоа добро го знае. Веќе може да се пофали со голем број задоволни клиенти од различни краишта на државата, иако ова е само почетокот на нејзината кариера. Доминантни модни парчиња во нејзината работа се фустаните, кои ја отсликуваат и вознесуваат женската силуета и придаваат самоувереност.

За нашата редакција, Данче го објаснува мотивот на изложбата: „Доволно долго работам и имам задоволни клиенти. Сакав во оваа прилика на своите сограѓани да им се претставам во полно светло, што работам, со каква пасија се предавам на изработката на креациите и истовремено уште еднаш да им ставам до знаење на моите врсници дека занаетот е злато и се вреднува и во денешно време.“

Тематиката на изложбата ќе биде поврзана со морските ѕвезди, нивната уникатност, разноликост, убавина, нивната асоциација со летото, со морето и со пенливите бранови. Изложбата ќе се одржи на 30 јули, со почеток од 19:00 часот во просториите на Домот на културата во Струмица. Поканет е секој љубител на модата и на уметноста.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ