Граѓаните отсега ќе можат анонимно да пријават Лихварство на бесплатниот телефонски број 0800 00 201. Министерството за внатрешни работи одлучи да отвори оперативна акција „Пријави лихва“ со цел сузбивање на незаконската појава на позајмување на парични средства за несразмерна имотна корист преку многу висока камата, позната како лихварство.
„Кривичниот законик лихварството го дефинира на следниот начин: „Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ја неговата тешка имотна состојба, тешките станбени прилики, нуждата, недоволно искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“ и „Со казната од став 1 ќе се казни и што неовластено се занимава со давање пари или други потрошни предмети на заем со договор и притоа договара несразмерна имотна корист“, стои во соопштението.
Граѓаните ќе можат преку бесплатниот телефонски број да споделат секакви корисни информации поврзани со ова кривично дело.