Почитувани граѓани,
За жал, вирусот кој во моментот владее со целиот свет не ја одмина Општина Ново Село, и го имаме првиот регистриран случај на заболена личност од Covid-19 во општината. Оваа информација не треба да биде причина за паника, меѓутоа треба да биде апел сите строго да се придржуваат кон мерките и да покажат одговорност во заштита на јавното здравје.
Градоначалникот на Општина Ново Село Г-дин Никола Андонов и Кризниот штаб при Општина Ново Село упатуваат апел до сите граѓани, а особено до младите, да покажат поголема одговорност и да ги почитуваат сите мерки за заштита од коронавирусот Covid-19.
Во последните неколку денови се забележани поголеми групирања на граѓани пред различни институции, маркети и ресторани.
Ве потсетуваме дека сите граѓани треба да се движат на соодветно растојание од два метри, да практикуваат лична и респираторна хигиена, да не ги напуштаат своите домови без поголема потреба и строго да се придржуваат кон ограничувањата за движење според возрасните групи.
Со Одлука на Влада е забрането движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.
Земајќи ја во предвид актуелната состојба, сите заедно треба да покажеме поголема одговорност во почитување на сите мерки, и да им ја олесниме работата на сите оние кои непречено работат за заштита на нашето колективно здравје.
Општината и надлежните институции и понатаму ќе се фокусираат на спроведување на потребните мерки, и ќе останат во служба на граѓаните за заштита на јавното здравје.
Здравјето, пред сè!