strumica denes logo

ЈАНЕ КИРОВ: ПОМАГАЈТЕ НА СИРОМАШНИТЕ, НО НЕ ГИ ФОТОГРАФИРАЈТЕ НИВ НИТУ ИСКРЕНАТА И НЕВИНА НАСМЕВКА НА НИВНИТЕ ДЕЦА!

Автор:

Датум:

април 8, 2020

Категории:

Хуманост

Автор:

Датум:

април 8, 2020

Категории:

Хуманост

Јане Киров:

Деновиве имам дилема како достоинството на човек во невоља се претвара во некаков капитал во објективот од камерата на богатиот. Можно е да станува збор за реклама на свои производи, може да станува збор за некаква лична суета човечка, а можеби и за неинформираност, но некако одредени фотографии стануват веќе непријатни.

Знаете за што пишувам нели? Некој донира храна во кесиња и кутии и се фотографира.

Ги фотографирал човекот и неговата сопруга во стари но пристојни алишта пред неговата трошна куќа, згора на се’ и дечињата им ги фотографирал…

Ја фотографирал нивната насмевка. Радосната насмевка, не заради вреќа брашно и зејтин, радосни оти се чисти и невини деца незнаејќи колку е злобен овој свет. Насмевка дадена од душата на чесните и искрени намери и љубов. И таа насмевка во објективот на вашата камера ја читаме онаква каква што е вистинска – само ангелска. Ниту заради вас ниту заради вашето ќесе и кутија со храна!

Ве молиме продолжете да давате, но престанете да се фотографирате!

Постојат две доволно добри причини да им подарите храна и да помогнете на оние кои имаат потреба. Од една страна тоа е кризата со вирусот во кој под најголем удар се оние наши сограѓани кои заработуваа на дневна основа. Ограничувањето на движењето ги спречи да се снаоѓаат, прашање е дали сега ќе добијат леб на вересија, а се очекува и поголема економска криза.

Од друга страна сега доаѓaат најголемите Христијански празници во Православието и Рамазан во Исламот. Задача е секому да помисли и да го спречи гладот на сиромашните. Но постои и една сериозна пречка да посетувате поединци и семејства: препораката да седи дома!

Дарувајте на Црвениот крст, дарувајте на Црквата наменски пакети, оставете некој да може и да си земе нешто од некаде. Немојте да ги фотографирате нашите браќа и сестри во немоќ. Тоа се веќе фотографии кои вознемируват!

Сте ја слушнале македонската приказна за подарениот џигер? Или не сте слушнале дека она што го дава десната рака – треба да биде непознато за левата!