strumica denes logo

Христов: Општина Струмица ги поддржува проектите за истражување и афирмација на локалната традиција и историја

Автор:

Датум:

декември 5, 2018

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

декември 5, 2018

Категории:

Струмица

На локалитетот Орниче во близина на селото Костурино завршија годинашните истражувања на Неолитската населба стара над 7.500 години за оваа година.
Според археологот м-р Зоран Рујак од НУ „Завод и Музеј Струмица“ објектот е од средниот неолит со сите постројки внатре, со печки, со огништа, со места каде се мелело житото, места каде практично живееле луѓето од времето на неолитот и засега е најстар објект во југоисточниот дел на Република Македонија.
На денешната презентација на истражувањата на овој археолошки локалитет присуствуваше и членот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов кој рече дека убаво е чувството да си го потврдуваме сознанието дека потекнуваме од регион кој имал богато и бурно минато, регион во кој уште во дамнешни времиња се градела и надградувала цивилизацијата во која живееме и чии вредности се универзални и подеднакво им припаѓаат на сите и на целиот свет.

-Знаеме од старите историски записи дека регионот заради својата местоположба бил вековна раскрсница на балканските патишта југ-север и исток-запад, но пријатно делуваа и сознанијата дека токму на овие простори некогаш живееле луѓе кои граделе сопствени вредности и норми и имале сопствена традиција и култура. Затоа и јас и општина Струмица и општеството кое го градиме, и досега а и во иднина, ги поддржуваме проектите за истражување и афирмација на локалната традиција и историја, како и културните и цивилизациските вредности од овие простори. За тоа секако зборуваат и досегашната поддршка, но и заложбите што ние како Општина ги правиме во насока на популаризацијата и афирмацијата на културно-историското наследство. Во оваа пригода би сакал да го најавам и проектот за комплетна конзервација, реконструкција и реставрација на локалитетот Цареви кули во наредната година. За овој проект Општината обезбеди донација од околу еден милион евра, со што очекуваме комплетно завршување на бедемите на локалитетот и подобрувањето на пристапноста до него, рече Христов.