Нема човек во Македонија кој не слушнал за Кристијан Воденски, чудото од дете кое потекнува од с.Русиново, родното место на неговиот татко Ване кој заедно со неговата мајка Софче која има струмички корени и сестра му Мелани долги години живеат во Офенбах, Германија.
Воденски во минатото се прослави со одличните борби во различни спортски дисциплини како кик-бокс, граплинг, џиу џицу и други спортови во кои најчесто беше на највисокото место на пиедесталот, освојувајки ги златните медали во дисциплините во кои настапуваше под македонското знаме. Овие успеси беа доволни тој неколку пати по ред да се закити со наградата за „Најдобар млад фајтер во Германија“, признание кое му донесе многу спонзори и обожаватели ширум светот.
Кристијан Воденски и неговото семејство често со своите хумани гестови знаат да ги пленат срцата на верните обожаватели на Кристијан, особено во Македонија. Откако пред нешто повеќе од еден месец неговиот татко вети парична поддршка за деца од Македонија кои потекнуваат од семејства од социјален ризик, семејството Воденски направи уште еден исклучително хуман чин, карактеристичен за вистинските православни христијански верници. Имено Кристијан Воденски кој ова лето го користи за престој во Русиново и Струмица ги изненади свештениците од црковниот храм во Русиново со тоа што на Црквата и остави дар – православна икона која претходно неговото семејство ја има донесено од градот Ерусалим.
Што се однесува до одморот во Македонија, младиот Воденски истиот го користи за дружба со другарчињата, за стекнување нови искуства и доживувања во родните места на неговите родители. Како вистински патриот Воденски моментално се наоѓа во Дојран, каде ужива во убавините кои ги нуди Дојранското езеро.