Општина Струмица продолжува со реализацијата на програмата за подобрување на патната инфраструктура во Општината, обезбедувајќи поквалитетен живот на жителите во населените места. Во тек е асфалтирање на изведениот пат од населеното место Куклиш до населеното место Градско Балдовци во должина од еден километар. Градоначалникот Коста Јаневски со своите соработници, денеска. беше на лице место за да види како се одвива реализацијата на овој зафат.
-Се наоѓаме пред уште еден значен проект кој финишира и ќе се стави во функција за граѓаните, проект кој што е изведен во соработка со Бирото за регионален развој и општина Струмица, инвестиција која чини околу пет милиони денари, а половината од тие средства ги обезбедува општина Струмица. Конкретно се работи за пробивање и асфалтирање на патот кој ќе ги поврзува двете населени места Куклиш и Градско Балдовци, се нуди уште еден алтернативен пат на веќе постоечкиот. Според сите наши сознанија и впечатокот на жителите од населените места, станува збор за многу значаен пат, ние и сами се уверуваме во таа работа-пристап до земјоделските површини и дополнителна комуникација меѓу две населени места. Мене ми претставува големо задоволство што уште еден ваков проект го операционализираме и го ставаме во служба на граѓаните, со тоа правиме уште еден чекор кон подобрување на квалитетот на животот во населените места, која ни беше и една од главните заложби. Со задоволство можам да најавам дека такви проекти се на пат да бидат во функција. Можам да најавам дека преку ИПА фондовите и Европската комисија обезбедивме средства за адаптирање на општински простории во две градинки во населените места Куклиш и Муртино и тоа е исто еден значаен чекор во подобрувањето на квалитетот на животот во населените места и во подобрување на квалитетот на понудените услуги на општина Струмица. Мислам дека овој тренд ќе го задржиме, знаете дека размислуваме за некои други проекти како што е патот – обезбедување комуникација меѓу населеното место Свидовица и населеното место Сачево и тој е значаен, се разбира тоа ќе го направиме после сондирањето на мислењето и на локалното население. Неодамна пуштивме во употреба и еден друг пат, тоа е патот од населеното место Муртино до Еднокуќево кој исто така е многу значаен пат, квалитетот на изведбата ја видовме и се уверивме со нашите стручни служби дека е на доста високо ниво и мене ми претставува задоволство со вакви квалитетни проекти, конкретно нешто да покажеме, дека навистина сме заложени за подобрување на квалитетот на живот во населените места, рече градоначалникот Јаневски