СТРУМИЦА, 21.05.2018 – Активистите од здружението „Здрава Котлина“ од Струмица најавуваат протести и блокади поради молчењето на владата за раскинување на договорот со инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“ на дозволата за експлотација на руда во Иловица. Тие јавно ја повикуваат владата но и локалната власт за нивната пасивност, односно да се изјасни околу ова витално прашање за регионот- пишува ГЛАСНИК.
Здружението „Здрава Котлина“ од почетокот на борбата што започна во цел Југоисток постојано изнесуваше нови аргументи и факти зошто овој договор со „Еуромакс Рисорис“ има мрачна корумптивна страна во самото потпишување и процесирање. Исто така ја истакнуваа и еколошката страна за рудникот во Иловица која ќе значи крај на земјоделството во струмичкиот регион и загадување на се’ постоечко таму. Полетта што дојде по раскинувањето на концесиите за рудниците во Казандол и Кожуф и ставањето на точката на владина седница за мислење на министерството за економија за раскинување на договорот за концесија за експлоатација на Иловица, сега нагло се намалува. Тоа што се чинеше како „готова работа“, после молкот на владата, сега создава анксиозност и стравување во струмичкиот регион.
Струмичани покрај очигледниот виновник – владата на Република Македонија, ги повикуваат и локалните власти да им се придружат јасно и гласно во борбата против рудниците и да направат притисок на централно ниво-пишува ГЛАСНИК.
„Каде сте наши татковци на општините, каде сте наши градоначалници? Зошто не’ оставате цело време САМИ ДА ЈА ВОДИМЕ оваа тешка битка? Зарем не е битно да дадете отпор и вие, да застанете со нас, со народот и заедно да му покажеме заби на крвопиецот дека тука не му е местото? Нели треба да ги застапувате нашите барања, потреби и желби? Или ќе бидете прислужници и ќе веднете глави пред озурпаторите на НАШАТА ПРИРОДА? Нели мислите дека е крајно време да излезете и да покажете и вие малку отпор, достоен за секој човек кој размислува здраво“, револтирано повикуваат од „Здрава Котлина“.
Во меѓувреме, компанијата „Еуромакс Рисорсис“ преку ноќ стана компанија која „го слуша гласот на народот“ со тоа што по сите фирми и во јавноста презентираат дека во рудникот спротивно од првичниот план, наводно ќе користат нова технологија со која немало да се загадува. Останува отворено прашањето зошто тоа не се направи во нивниот првичен план, кога ги бранеа своите методи со цијанид за екстракција на рудата.
Протестите во Југоистокот иако во моментот се стишени, тие се далеку од заборавени. Јавноста и инвеститорите можеа да се уверат во енергичноста и храброста на активистите од Југоистокот против рудниците. Сите го очекуваа крајот на рудникот во Иловица, но владата со секој премолчен ден се’ повеќе го генерира гневот кај народот од тој крај. Синергијата на сите борци преку протестите и блокадите што се најавуваат за крајот на месецот, треба да ја разбуди владата и да си го одржи своето ветување. Раскинувањето на концесијата во моментот не е сигурна. Но, едно е сигурно – народот од Струмица и остатокот од регионот ќе излезат на улица, и тоа многу скоро.
ИЗВОР: ГЛАСНИК.МК