Општина Василево поднесе апликација до Министерството за локална самоуправа, Биро за регионален развој, за средства од Програмата за рамномерен регионален развој заради реконструкција на Домот на културата во Нова Маала и негова адаптација во спортска сала. Одлука за ова донесе Советот на општина Василево на неговата последна седница. Првата фаза од реконструкцијата на овој објект во која беа завршени градежните активности и промената на кровот е завршена минатата година. Во текот на оваа година реконструкцијата ќе биде комплетно завршена. Овој проект е планиран со Програмите на општина Василево за 2018 година.
Со неговата комплетна реализација основното училиште „Атанас Нивичански“ ќе добие модерна спортска сала изградена во согласност со новите прописи и стандарди овозможувајќи им на учениците од основното образование оптимални услови за одржување на наставата по спорт и физичка култура.
„Целта на овој проект е подобрување на условите за работа во основното училиште, овозможување на нормално одржување на наставата по спорт а истовремено и стварање услови за организирање и одржување на спортски настани и манифестации од помасовен карактер како одговор на потребите и на останатите категории на граѓани од овој крај“, изјави градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев.
Домот на културата во Нова Маала е веднаш до ООУ„Атанас Нивичански“ во кое освен учениците од Нова Маала, настава посетуваат и учениците од соседните населени места Доброшинци, Чанаклија и Висока Маала.
Потребниот Буџет за целосно завршување на сите планирани активности изнесува околу 2 900 000 денари.