РЕШЕТЕ ГО РУДНИКОТ НА СМРТТА ИЛИ НАРОДОТ ЌЕ ГО РЕШИ
(Јавно обраќање до Виш Управен Суд, Судскиот Совет и политичките партии)
Почитувани,
Ви се обраќаме како на две важни институции во судската власт, кои ја носат одговорност за правдата и правичноста во државата. Се обраќаме и до политичките партии кои со кадровски решенија ги донеле судиите во позиција да носат правда. Нагласуваме дека не нѐ интересираат партиско-политички соодноси во институциите и надвор од нив, што е во духот и со нашата надполитичка и надпартиска определба. Се обраќаме на судиите, судската администрација, во клучни државни институции на системот, избрани, именувани и под заклетва да ја остваруваат својата основна и суштинска функција: да работат за добробит и во заштита на сите граѓани на Републиката, без оглед на политичка, верска, национална или каква било друга припадност.
Денес имавме едночасовен предупредувачки моторизиран протест на кој учествуваа околу 250 возила со вклучени сирени и трепкачи. Не сакавме да го блокираме градот повеќе од она што е потребно за да привлечеме внимание за проблемот кој трае со години. Но уште сега ви најавуваме дека следниот организиран протест ќе биде целосен со илјадници луѓе и ќе биде последен мирен и предупредувачки пред да почнеме со граѓанска непослушност, блокади и радикални акции.
Затоа тргнувајќи од фактот дека вие кои делите правда, ги раководите и учествувате во работата на овие две институции (како и целокупната македонска јавност) сте доволно информирани за огромната егзистенцијална закана од рудникот Иловица-Штука за регионот. Сакаме да нагласиме и наброиме некои факти во прилог на нашето Барање.
Прво, Управниот суд со пресудата У-6.бр.575/2019 од 31.03.2020 овозможил ПРАВНО ДЕФОКУСИРАЊЕ во полза на рударската компанија. Судот пресудил дека второстепената владина комисија направила наводни „грешки во постапката“, кога ја одбила жалбата за одземање на концесијата на компанијата. Судот и дава за право на компанијата дека надлежниот орган требало првин да и одговори на старото барање за спојување на двете концесии, Иловица 6 и Иловица 11, па дури потоа да решава за дозволата за експлоатација!? Ова барање за спојување е од 29.1.2016 година, а компанијата до денешен ден нема комплетна документација неопходна за добивање дозвола за експлоатација за првата концесија Иловица 6, а да не зборуваме за концесијата Иловица 11. Каде е тука грешката?
Второ, со ова дефокусирање, Судот избегнува да се наврати на аргументите со кои е одземена концесијата, а кои се совршено логични и конзистентни. Владата ја одзеде концесијата за рудникот Иловица на 16.12.2019 година поради прекршување на Договорот за концесија. Имено, ни по 7,5 години (од 16.6.2012 година) од доделувањето на концесијата и по 5, односно 4,5 години (од 23.9.2014 година и од 22.6.2015 година) од потпишувањето на Договорот и Анексот на договорот, концесионерот немаше обезбедено потребни документи, ниту поднесено барање за издавање дозвола за експлоатација, а рокот изнесува 4 години (како што стои во владината одлука за прекин на договорот).
Трето, останува непознато како можел судот да влезе во формално толкување на жалбата од концесионерот, без суштинска анализа на податоците кои се клучни, а тоа се документите пропишани со закон, кои концесионерот НИКОГАШ ги нема комплетирано.
Четврто, посебен проблем се студиите за оценка на влијанието врз животната средина, кои се најважни документи во случај на експлоатација на минерални суровини. Постои т.н. Студија за Иловица 6, која не е донесена според закон, зашто не била воопшто претставена пред јавноста на јавна расправа! Постои исто така друга Студија, која се однесува за двете концесии споени во едно, иако никогаш не било одобрено спојување. Оваа Студија ги идентификува негативните влијанија врз животната средина, бидејќи се работи за една од најопасните и најзагадувачките технологии во светот, какви што имаат предизвикано 30-на еколошки катастрофи во последниве децении, поради што се забранети во редица држави! Но, и покрај тоа, Студијата предлага да се прифати проектот. Сепак, до денешен ден не е донесено Решение за прифаќање на Студијата од страна на Министерството за животна средина, поради што не може ни да се издаде дозвола за експлоатација.
Петто, целосниот концепт за Иловица, преточен во рударски проект, се состои од дел за површинско ископување на рудата и дел за нејзина преработка со раствор на цијаниди. Официјално никаде не постои друга студија поинаква од ова. Но, со измените на Законот за минерални суровини од 9.1.2019 година, забранета е употреба на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со површински коп. Ова значи, дека се беспредметни сите документи што се однесуваат на технолошкиот процес, а беспредметно станува и прашањето ДАЛИ ќе се прави таков рудник, спротивно на закон!
Шесто, покрај косењето со законите, се оди и против јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село каде излезноста беше 32.56% и 39.51% соодветно и каде во двата случаи над 98% од граѓаните што гласаа беа против.
Од горе наведеното произлегува дека Управниот суд во овој случај не ја остварил својата основна функција да работат за добробит и во заштита на своите граѓани. Ние сме свесни дека проблемот со рудниците има подолга генеза и во него има низа законски прекршувања но сега сме донесени пред свршен чин и сега Вишиот управен суд мора да донесе правда и да го реши проблемот.
Во меѓувреме, цело струмичко и Југоистокот се чувствуваат егзистенцијално загрозени од потенцијалниот рудник, кој доколку биде отворен од благородната Струмичка Котлина ќе направи економски, национално и културолошки деградирана и иселена пустелија. Граѓаните се премногу долго вознемирени од овие можности.
Затоа,
Ве информираме дека за нас последен рок во кој треба да го решите проблемот со рудникот на смртта е 13.07.2020година (понеделник), баш поради истата итност со која Управниот суд реши да донесе пресуда во вонредна состојба. Да не бидеме лицемерни туку да бидеме одговорни и ја продожиме истата таа итност.
Од наша страна ние повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот.
Доколку не се усвои нашето Барање, зад кое, уверени сме, стои огромното мнозинство граѓани во државата, ќе сметаме дека Судот НЕ САКААТ да го решат проблемот. Тоа би значело дека државата не сака или не може да ги заштити своите граѓаните од потенцијално загрозување на имотот и животите. Изјавуваме дека во тој случај ќе го повикаме народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот. Имаме и кредибилитет и морално, уставно, законско, цивилизациско, егзистенцијално и секакво друго право на тоа.
Сакаме да ја споделиме нашата загриженост од молкот на Министерството за Економија и Јавното Правобранителство во поглед на очекуваната жалба до Вишиот управен суд чии рокови течат со укинувањето на вонредната состојба. Имено ние пред две недели испративме официјални дописи за заеднички состанок и достава на дополнителни правни аргументи, но досега немаме никаков одговор.
Со оглед на почетокот на изборната кампања и дневно политичките препукувања ние сме загрижени дека ова вонредно важно прашање ќе биде оставено на маргините или нема да биде соодветно третирано.
Нека им биде јасно на сите, дека рудници во југоисточна Македонија нема да дозволиме и сите оние што заговараат такви глупости ќе платат висока цена. Останува рокот до последниот ден на изборната кампања доставен до политичките партии за одлука на Вишиот управен суд и конечно да се реши судбината на рудникот Иловица – Штука.
Доколку тоа не се случи ние ќе објавиме се што знаеме за поединци поврзани со рудникот на смртта. Политичката штета ќе биде огромна за партиите кои се поврзани со тие поединци.
На крај сите ВИЕ, кои заговарате рудник, кои имате личен финансиски интерес, кои работите против законите, против животите на месното население и кои сте подготвени да не отруете и да ги убиете идните наши поколенија, запамтете:
ШТО И ДА ОДЛУЧИТЕ, ШТО И ДА СЕ ДОГОВОРИТЕ, КАКВИ И ДА СЕ ВАШИТЕ ПЛАНОВИ, НИЕ НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА ИМА РУДНИК ВО НИКАКОВ СЛУЧАЈ.
Оваа го кажуваме како би Ви заштедиле време и пари, обидувајќи се да не разубедите или поткупите. Одете на друго место и таму копајте. Одете некаде далеку, каде не Ве знаат, каде народот е поделен, како што бевме и ние на почетокот, каде нема цврсто решени, како нас, кои по цена и на сопствените животи, нема да дозволиме да има рудник.
Ние, време имаме, тука живееме, никаде не одиме, а Вие не припаѓате овде, не сте добродојдени, едноставно не ве сакаме, одете си побрзо, затоа што времето работи за нас, а против Вас. Ние никогаш нема да се откажеме, затоа што немаме избор-или ќе не убиете или ќе си заминете, но затоа, Вие имате избор – ОДЕТЕ СИ.
На крај изразуваме ГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ на сите што учествуваа на протестот, а посебно до активистите што дојдоа од Валандово, Богданци, Гевгелија, Радовиш и Скопје. Благодарност и до поединците што учествуваа од Младите на Штука и Иловица. Југоисточна Македонија е единствена и сплотена против рудници на смртта.
ЗДРАВА КОТЛИНА -Струмица
ЕКО ДОЛИНА- Ново Село
(Граѓанска иницијатива „СПАС за Струмичка котлина – СТОП за рудникот на смртта“)
Струмица, 27. 06. 2020