МИТКО БОЈАЏИСКИ: ЗА КОНТРАБЛОКАДАТА НАД ИЛОВИЦА!

јуни 24, 2019

Митко Бојаџиски:

Тензично е над Иловица. Со денови има блокади од противниците на рудникот. На тоа одговорија со контраблокади оние кои ,,сакаат,, рудник и кои притоа скандираат дека сакаат работа. Си отворија и фб-страна која се вика: сакаме работа-сакаме рудник.
Но, ако сакаат работа, зошто тоа мора да биде рудник?! Мора ли по секоја цена да биде рудник? Нели може да биде нешто друго? Многу области имаат недостаток од квалификувана и неквалификувана работна рака: градежништво, земјоделие, угостителство… Живееме во момент во кој не е проблем да најдеш работа доколку сакаш да ја најдеш.

Еден познат бизнисмен веќе се јави на нивната фб-страна и ги извести дека, доколку има заинтересирани, неговата фирма е спремна да ги вработи за иста плата што им ја нуди рударската компанија. Во најмала рака е себично од нивна страна да бараат рудник за да работат знаејќи каква опасност е такво нешто за нашата котлина. И во најмала рака е глупаво земајќи во предвид дека најголемиот број од учесниците на контрата се жители на најзагрозените села Иловица и Штука. Сите знаат зошто е глупаво. Зошто тие не знаат?! Еве уште еднаш ќе повториме. Затоа што рудникот ќе им биде 500 метри далеку од селото, значи точно над нивните глави. Затоа што во нивните две села нема да може да се живее. Всушност, тие ќе бидат мртви села. Затоа што ќе ја изгубат вредноста нивните куќи, нивните имоти, нивните ниви, нивните земјоделски производи…

За браната висока 276 метри полна со отров што ќе биде континуирана опасност, за опасноста за подземните води и се друго што може да се реди долго во текстот, нема да зборувам затоа што веќе милион пати сте го чуле или прочитале.
А каде, всушност, сакаат да работат тие? Онаму каде што секој ден ќе експлодираат 9 тона експлозив и каде што први ќе ја вдишуваат отровната прашина која што само што излегла од земјата. И која што, веднаш потоа ќе ја вдише нивната фамилија која што се наоѓа на некои 500-600 метри? И која што, ќе мора да ја дише секој од нас во зависност од тоа на која страна моментално дува ветрот?

Па кои сте вие, побогу, една шака луѓе, да ви дозволиме рудник затоа што наводно сакате да работите во рудник притоа уништувајќи не и сите нас во котлината? Треба ли и ние да се симнеме на ваше ниво за да размислуваме како вас ако тоа, воопшто, може да се смета за размислување?

Џабе врескате сакаме работа-сакаме рудник по диктат на пи-арот на вашиот газда чија што стратегија, патем кажано, е премногу провидна и премногу аматерска за да биде уверлива.За вас работа ќе има доколку се потрудите, но рудник нема да има и скоро ќе треба да се помирите со тоа.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ