Струмичанецот Лефтер Андонов назначен за Управител на СИЗ „Македонија соообраќај“ – АМЕРИТ

март 8, 2018

Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ доби нови раководни органи, кои ќе ја водат најстарата транспортна асоцијација во Република Македонија во наредните четири години.

Со одлука на собранието на АМЕРИТ, донесена на 28 февруари годинава со мнозинство гласови на членовите – основачи на асоцијацијата, за нов управител е назначен Лефтер Андонов, до неодамна советник за транспортна политика во кабинетот на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, каде беше задолжен за застапување и координација со бизнис-заедницата, како и за подобрување на состојбите во транспортниот сектор во државата.

Неговите претходни позиции вклучуваат и управување со транспортната  компанија и групација „Тритерол Груп“ од Струмица, чија основна дејност е превозот на патници во земјата и во странство, а која е активна и во други сегменти, како  транспортната логистика и  дистрибуција и на нафта  и нафтени деривати при што од 2011 година „Тритерол Груп“ го проширува своето работење со отворање на бензинска пумпа.

Андонов е дипломиран економист, а во тектот на својот мандат на челната позиција на  СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, се очекува  искуството, стекнато како советник на премиерот и како  менаџер на успешна транспортна фирма, да го примени  во активностите на асоцијацијата за унапредување и развој на транспортната индустрија во Македонија.

– Имам чест да бидам избран за управител на транспортната асоцијација АМЕРИТ во годината кога се одбележува 65 годишнината од нејзиното основање. Голем предизвик за мене е да продолжам да ја водам нашата најстара транспортна асоцијација по успешниот пат, заеднички и со здружени сили со одличниот тим на вработени, но и со членките, на чие омасовување ќе работиме постојано.

И чија доверба, верувам, ќе ја оправдаме, при што редовно ќе инсистираме на непосредна  соработка со надлежните органи во државата, а пред се со Министерството за транспорт и врски, МВР, со Царината, инспекциските и други органи. А се со цел за поуспешно и несметано работење на  транспортните компании  во Македонија, истакна Лефтер Андонов, новиот управител на СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ.

Мандатот на Андонов официјално започна на 4. март, а на управителската позиција на АМЕРИТ, тој го наследи Емил Милев, кој  беше на чело на оваа транспортна асоцијација од 2014 година.

Инаку, собранието на АМЕРИТ на својата февруарска седница избра и нов раководен состав на Собранието, како и на Извршниот одбор.

ИЗВОР: ЕМАГАЗИН

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ