Општина Струмица ја започна третата фаза од Програмата за урбани партнерства на Светска банка (UPP III) со учеството на нејзини претставници на дводневниот симпозиум на градоначалници кој се одржа во Виена, Австрија. Во оваа програма општина Струмица учествува уште од 2011 година применувајќи ги двете алатки Финансиско самооценување и Урбана ревизија и профилот на општина Струмица излегува веќе два пати во брошурите кои Светска банка ги објавува за напредокот на општините во првата и втората фаза од проектот.
Во работата на симпозиумот учествуваа градоначалникот Коста Јаневски, Евгенија Граматикова раководител на одделението за буџетска координација и Софија Ристова Патрикова раководител на одделението за урбанизам. Основната тема на Симпозиумот беше одржлив и инклузивен урбан развој во Југоисточна Европа – Градови за луѓето, со фокус на раководството на градот, одржлив локален развој, отчетност и учество на јавноста во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Симпозиумот на кој учествуваа над 150 учесници од централната и локалната власт, здруженија на локалната самоуправа, претставници на граѓанското општество и бизнис заедницата од Југоисточна Европа и пошироко, беше одлична можност да се споделат искуствата од напредокот и иновациите во општинските финансии, урбанистичкото планирање, управувањето со земјиштето и вклученоста на граѓаните во тие области.