Фактот дека во земјава има огромен наплив на инвестиции во обновливи извори покажува и тоа што само во првите два месеци од овааа година, во државата биле инсталирани нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 MW/h за производство на електрична енергија.
„Сведоци сте дека интересот за изградба на фотонапонски централи рапидно се зголемува од месец во месец. Од 1 јануари 2022 до 28 февруари 2023, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 MW од обновливи што можат да ги задоволат потребите на 72 500 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија“изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Според Бислимоски, со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св Николе, Ресен и Дојран.
Инаку, кон крајот на минатата година на сила стапија измените на Законот за градење со кои се поедноставува процедурата за поставување фотоволтаици, односно инвеститорите, како што е предвидено со измените на Законот, сега се должни само да ја известат општината и да ги достават потребните документи.
Стапија во сила измените на Законот за градење со кои се поедноставува процедурата за поставување фотоволтаици
За правни лица потребен е извод од Централен регистар, а за физички лица – копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтаци, како што е предвидено со проектот, ја вршат општинските инспектори.
Мерките за олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици ја најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во август 2022 г.
„Имајќи предвид дека сме во енергетска светска криза, како Министерство правиме напори секој граѓанин да може да постави фотонапонски централи на своите објекти. На денешната владина седница поминаа овие измени во однос на поедноставни процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривите на домаќинствата и стопанските објекти, а сакам да апелирам до сите пратеници проактивно да се вклучат и да ги изгласаат овие законски измени веќе на следната собраниска седница“ порача тогаш Бочварски.