Во првиот квартал од годинава има 1.832 новоотворени компании, а од нив 277 имаат странски сопственик. Но, бидејќи една компанија може да има и повеќе сопственици, податоците покажуваат дека во овие 277 компании, всушност, имало 346 сопственици кои се странци. Значи, од новоотворените компании, лани 15,1 % се со странски сопственици, покажува анализата на порталот Пари во соработка со БизнисМрежа.мк. Ова е поголем процент од оној во 2022 година, кога од 1.983 новоотворени компании во првиот квартал од годината, 13,2 %, или 252 компании се со странски сопственици, а вкупниот број на сопственици со странско потекло е 352.
ОД КАДЕ НАЈМНОГУ ДОАЃААТ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ФИРМИ ВО МАКЕДОНИЈА?
Секако, она што е особено интересно е кои се странските сопственици што отвораат фирми во Македонија? Податоците кажуваат дека рекордер е Турција. Во првиот квартал од годинава има дури 124 сопственици на новоотворени фирми кои се Турци. И во првиот квартал од минатата година Турција е прва земја во однос на отворени фирми од нејзини државјани. Вкупниот број на турски сопственици на новоосновани фирми во првиот квартал од 2022 година бил 104.
Бројот на косовски државјани кои се сопственици на новоосновани фирми во Македонија, за првите три месеци од годинава е 29, а во првиот квартал лани тие го заземале второто место, со вкупен број 27.
Особено интересен факт, се чини, е тоа што во првиот квартал од годинава третото место го делат државјани на Бугарија, Германија и Србија. Од сите овие три земји има по 17 сопственици во новоосновани фирми. Лани, пак, во истиот период, трети по сопственост на нови фирми во Македонија биле Албанците (25 сопственици), додека веднаш зад нив се нашле Бугарите (23 сопственици), па Србите (22 сопственици), а Германците биле на шестото место, со 18 сопственици во новоосновани фирми.
Топ 5 земји од кои доаѓаат странски сопственици на фирми во Македонија
НОВИ ГАЗДИ И ОД ИРАН, АВГАНИСТАН, ЕЛ САЛВАДОР, ЈАПОНИЈА…
Покрај земјите со кои традиционално имаме посериозна деловна соработка, на списокот се и сопственци на компании од земји за кои не сме навикнале да слушаме дека имаат газда во државава. Така, во првиот квартал од годинава имаме двајца газди од Авганистан, по еден од Азербејџан, Иран, Јордан, Јапонија, Мароко, и Тунис.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/najmnogu-firmi-vo-makedonija-otvarale-turcite-a-bugarite-go-delat-tretoto-mesto-so-germancite-is-so-srbite-1/