АЕТМ: МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПОТРОШИЛЕ ОНЛАЈН ЗА ПАТУВАЊА

мај 4, 2023

Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Велика Британија, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Велика Британија), WizzAir (Унгарија) и Booking.com (Холандија).

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ направи анализа на објавените податоци од Народната Банка на Република Македонија, од каде што може да се увиди дека Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2022 година потрошиле 156.2 милиони евра што што претставува пораст од 46.31% во однос на минатата година и учество од 28% од вредноста на вкупните онлајн трансакции. Ослободувањето на мерките поврзани со пандемијата секако се одрази на е-трансакциите кон странските земји, посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн.

 

 

Покрај вредноста, расте и бројот на е-трансакции кои ги направиле Македонците купувајќи онлајн во странство кој изнесува 3.66 милиони во 2022, што преставува пораст од 21.1% во однос на 2021 година. Поради поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции во однос на бројот на направени трансакции во странство во 2022 година се зголемува износот на просечната онлајн трансакција, која од 35.3 евра се зголемува на 42.65 евра во 2022 година. Кај бројот на остварени онлајн трансакции физичките лица учествуваат дури со 89% во вкупниот број и имаат просечна вредност по остварена трансакција од 32.4 евра наспроти 124.1 евра остварена од правните лица.

 

Со македонски платежни картички најмногу се плаќало онлајн кон Велика Британија, Унгарија и Холандија.

„Очекувано е и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од Македонците кон странски е-трговци, особено за патувања, што се гледа од растот остварен во 2022 година во однос на минатата година кон Холандија (114%) и Унгарија (82.4%). Зголемено е и учеството на вредноста на е-купувањата во странство од 24% во 2021 година на 28% во 2022 година во вкупно остварената вредност на е-трансакции направена со домашни и странски платежни картички кон домашни и странски е-трговци. Секој пораст на е-трансакциите е важен за развојот на македонската е-трговија. Важно е да се менуваат навиките и сѐ повеќе граѓаните да ги користат картичките за онлајн плаќања и купувања, бидејќи кога тоа го прават за купување билети, резервации на хотели и порачки на производи од странски е-трговци сѐ повеќе ќе се навикнуваат да го прават и од домашните. А кога има поголема побарувачка, тоа ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите” – вели преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.

67% од вкупната вредност на е-трансакциите (156.2 милиони евра) кои Македонците во текот на 2022 година ги потрошиле онлајн за пазарење во странство и 78% од вкупниот број на направените трансакции (3.66 милиони) се реализирале во корист на 7 земји: Велика Британија, Унгарија, Холандија, Ирска, САД, Луксембург и Германија. При тоа, од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции, 14% е направена во Велика Британија, 13% во Холандија и во Унгарија.

 

 

СПОРЕД ВРЕДНОСТА НА НАПРАВЕНИТЕ ТРАНСКАЦИИТЕ МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПОТРОШИЛЕ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, А СПОРЕД БРОЈОТ НА НАПРАВЕНИТЕ Е-ТРАНСАКЦИИ ВО ЛУКСЕМБУРГ.

 

Македонците во 2022 година потрошиле најмногу пари во Велика Британија (21.8 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (865.9 илјади). Највисока просечна вредност на е-трнсакција Македонците оставриле во Унгарија односно 142.5 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11.2 евра.

Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Велика Британија, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Велика Британија), WizzAir (Унгарија) и Booking.com (Холандија). Ако се има предвид дека во Луксембург е регистрирана европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија, очекуван е и најголем бројот на направените трансакции во Луксембург со најмала просечна вредност. Реализираните трансакции со повисока просечна вредност најверојатно се должат на уплата на авионски карти во Унгарија (седиштето на Wizzair), резервирање хотелски услуги во Холандија (пр. Booking.com) и сл. Ако се анализира пак порастот на направените е-трансакции од страна на Македонците во странство може да се забележи дека најголем пораст во 2022 година е остварен во Холандија, како на вредноста така и на бројот на направените онлајн трансакции.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ