Фудбалерите на Академија Пандев ниту по осум кола и речиси четири месеци не успеаја да ги израдуваат своите фанови со победа во ПМФЛ. Новајлијата во елитното фудбалско друштво на свој терен, иако до 90. минута имаше предност од 1-0, не успеја да го совлада битолски Пелистер, откако гостите длабоко во судиското надополнување преку дефанзивецот Александар Ристевски стигнаа до нерешен резултат и голем бод во борбата за опстанок (1-1).
Новиот предводник на „пандевци“ Југослав Тренчовски во стартниот тим го врати искусниот Зоран Баловалиев, кој беше поштеден за Куп-натпреварот во Битола. На другата страна пак, неговиот колега Секуловски повторно се одлучи за напаѓачкото дуо Борче Маневски – Благојче Марковски, кое во средата беше најзаслужно за Куп-победата.
Стартот на мечот им припадна на домашните фудбалери кои ја имаа топката во своите нозе, имаа иницијатива, но не успеаја да креираат посериозна шанса за гол. Единствената закана кон голот на Пелистер пристигна кон средината на првиот дел, кога Вареловски од далечина биеше на сантиметар покрај голот на Илче Петровски.
Битолчани првите 45 минути ги одиграа колку што им беше потребно за да не примат гол, цврсто и тактично добро се бранеа, а офанзивата беше во втор план, па затоа Марковски и Маневски не добија ниту една употреблива топка.
Советите на Секуловски во соблекувалната паднаа во вода по само три минути игра во вториот дел, откако по грешката на Филип Миленковски, Академија Пандев дојде до водство од 1-0. По левата страна речиси безопасен центаршут испрати Мишев, но еден од поискусните фудбалери на битолскиот клуб, сакајќи да ја спушти топката до својот голман, истата несреќно ја смести во сопствениот гол (1-0).
По примениот гол битолскиот стратег веднаш реагираше во игра во внесе зимското засилување Тревис Бовен и токму на негова асистенција Коњарски имаше голема можност за израмнување, но неговиот удар заврши покрај голот на Вујанац. Битолчани беа поактивни и тежиштето на играта се префрли на полето на домашната екипа, а тоа вроди со плод во 94. минута, кога во една мешаница пред домашниот гол најдобро се снајде Александар Ристевски и ја смести топката зад грбот на Вујанац (1-1).
Во следното коло, кое заради репрезентативната пауза на програмата е на 29 март, Пелистер на домашен терен го игра големото дерби со Вардар, додека Академија Пандев ќе му гостува на Работнички.