ЕВН Македонија продолжува со дигитализација на своите услуги со воведување нова услуга за онлајн пријавување на состојба на броило. Отсега корисниците ќе можат да ги испратат до ЕВН податоците за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа од нивното броило и врз основа на овие податоци да добијат фактура за електрична енергија.Оваа можност е особено корисна во случаи кога броилата на корисниците, од која било причина, не се отчитани и поради тоа се изготвуваат сметки со претпоставена потрошувачка (вонредни состојби, непристапност до броилото, годишни одмори и др.)
„Постапката на пријавување состојба преку evnonline.mk е лесна и брза, без потреба од регистрација на профил. Најпрво се внесуваат бројот на корисник и серискиот број на броилото, основни податоци што секој корисник може да ги најде на првата страна од која било фактура. Потоа, корисникот треба да ги прочита и внесе состојбите на неговото броило за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа. На крај се внесуваат основни податоци за контакт. Согласно пријавените состојби на корисникот ќе му се изготви фактура во редовниот период на фактурирање на кој корисникот му припаѓа“, рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.
При читање на сопственото броило, корисниците треба најпрво да се уверат дали го гледаат нивното броило, а тоа се прави со споредба на серискиот број на броилото од фактурата со тој на самото броило. Понатаму, за точно запишување на состојбите, во зависност од моделот на броило, корисникот на evnonline.mk може да погледне детално упатство за читање на броилото. Од ЕВН посочуваат дека е многу важно корисниците да бидат внимателни при споредба на вредностите за потрошувачка од доставената фактура со моменталните состојби од броилото.
Според законот за енергетика дистрибутерот на електрична енергија има обврска само еднаш годишно да изврши отчитување на броилото, но ЕВН Македонија за да можат граѓаните да го планираат буџетот за плаќање на сметки тоа го прави секој месец . Броилата се отчитуваат месечно освен во случај кога нема можност отчитувачот да стигне до броилото и да го отчита или во случајот како што е сега вонредна состојба, вели Ковачевски и додава дека граѓаните кои што добиле претпоставени сметки за изминатите месец и половина откако трае вонредната состојба нема да бидат оштетени, односно ќе платат онолку колку потрошиле.
„И овај месец нема отчитување на броилата, тоа го најавивме уште на почетокот на вонредната состојба. Над 200 илјади броила се наоѓаат во домовите на нашите корисници а во време на пандемија здравствените власти не дозволуваат отчитувачите да влегуваат во домовите за да се спречи ширењето од коронавирусот. Затоа отчитувањата не се извршуваа и се доставуваа претпоставени сметки за потрошена електрична енергија. Тоа не значи дека корисниците ќе бидат оштетени. Во секој случај корисниците ќе платат само тоа што го имаат потрошено. Ако овај месец сметката претпоставена е повисока со повеќе киловат часови следниот месец таа ќе биде порамнета и обратно ако овај месец доставената сметка е со помалку киловат часови од она што корисникот го потрошил во следниот месец таа ќе биде повисока. Корисниците имаат можност да направат и корекција на сметката, но тоа да биде во отчитувачката недела или во неделата пред да излезе следната фактура“, рече Ковачевски.
Вонредните мерки за спречување на ширење на корона вирусот покажаа дека е моногу важно корисниците да имаат можност и далечински да добијат услуги, без да мораат да ги посетуваат просториите на компанијата, велат од ЕВН.