strumica denes logo

ИНТЕРВЈУ СО РИСТО МАНЧЕВ: Имаме програма, конкретен план и визија за работа – За четири години општина Босилово ќе биде модерна и инсфраструктурно уредена општина!

Автор:

Датум:

октомври 12, 2021

Автор:

Датум:

октомври 12, 2021

Интервју на Струмица Денес со кандидатот за градоначалник на општина Босилово од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Ристо Манчев.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на општина Босилово?

РИСТО МАНЧЕВ: Решавањето на голем број на проблеми на граѓаните во општина Босилово станува сериозен предизвик. Постојат многу наталожени проблеми да не речам и заборавени кои актуелната локална власт воопшто не им посветува внимание, а се поврзани со квалитетот на живот на локалното население.

Во изминатите четири години во општина Босилово не е реализиран ниту еден крупен инфраструктурен проект и не е изграден ниту еден локален пат којшто поврзува две населени места. И не само што не се градат локални патишта туку истите не се ниту реконструираат.

Исто така не е изградена ниту еден метар на канализациона мрежа во ниту едно населено место во општината, отпадните води не се третираат на ниеден начин, а јавната хигена е под секое прифатливо ниво. Ѓубрето, сметот и дивите депонии станаа грда слика на сите населени места во општина Босилово.

Тоа се дел од предизвиците кои ме мотивираа да се кандидирам за градоначалник со силна верба дека сите овие проблеми се решливи.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Со земјоделие се занимава голем дел од населението во општина Босилово. Колку се задоволни од ситуацијата?

РИСТО МАНЧЕВ: Постои големо незадоволство кај земјоделците не само во општина Босилово туку и во другите општини особено кај градинарите. Владата пред неколку недели им направи драстично кратење на средства по основ на субвенции за предадено производство во откупно-преработувачки пункт (пиперки, зелка, цвекло, модар патлиџан и сл.).

Покрај тоа, локалните земјоделци имаат проблем со безбеден и сигурен пристап до земјоделското земјиште односно не сакаат калливи и непроодни полски патишта до земјоделските површини. Како иден градоначалник, на овој проблем ќе посветам особено внимание, а особено во населените места кои се наоѓаат во рамничарскиот дел на општината.

Исто така, сериозен проблем претставуваат и неисчистените и неуредени одводни канали за атмосферски води што претставува сериозен проблем при појава на обилни и поројни дождови кои предизвикуваат поплавување на земјоделското земјиште. Ќе работам на нивно редовно чистење како и на отварање на нови одводни канали со цел поголемо апсорбирање на атмосферски води.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Набројте пет проекти со кои би ја направиле општина Босилово подобро место за живеење?

РИСТО МАНЧЕВ: Проектите кои се особено значајни за локалното население во општината би ги поделил во неколку области:

– Решавање на проблемот со водоснабдувањето во населените места: Иловица, Штука, Дрвош, Сарај и Гечерлија
– Реконструкција на локалните патни правци: Еднокуќево – спој со магистрален пат А4, реконструкција на локалните патишта на почетокот односно при влез во населените места Иловица и Штука,
– Реконструкција на локалниот пат Радово – Турново и Турново-Иловица,
– Изградба на нови улици во сите населени места во општината
– Решавање и унапредување на системот за управување со отпадот особено во делот на дивите депонии како и започнување со изградба на фекални канализациони мрежи.
– Во областа образование – Реконструкција и доградба на подрачното основно училиште „Гоце Делчев “ во село Еднокуќево,
– Заради зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќајот особено покрај магистралниот пат А4, изградба на тротоари во населените места Босилово, Турново и Секирник.

Покрај наведените, ќе бидат реализирани и многу други проекти кои се важни за граѓаните на општина Босилово.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Граѓаните секогаш се интересираат и за приватната страна на политичарите, кој е Ристо Манчев приватно и професионално?

РИСТО МАНЧЕВ: По професија сум дипломиран економист на Економскиот факултет во Прилеп. Во 2010 година сум добитник на стипендија на Министерството за надворешни работи на Италија, по што во 2011 година стекнав Мастер Диплома за Високи Европски Студии на престижниот колеџ Fondazione Collegio Europeo di Parma, а во 2013 година стекнав титула – Магистер по Високи Европски Студии на Facolta di Giurisprodenza di Parma- Italia.

Во последните десет години, бев ангажиран во Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, од кои 4 години ја извршував функцијата Секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Покрај тоа работам и како Овластен консултант на Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија за изработка на бизнис планови и обезбедување на консултантски услуги за бизнис планирање, маркетинг, истражување на пазарот, финансиско планирање, итн.

Учесник сум на голем број научни и стручни собири, обуки, семинари, и др. во земјата и странство за што поседувам голем број на сертификати и дипломи.
Приватно, можам да кажам дека сум оженет, семеен човек, татко на две деца. Горд сопруг на Љубинка, специјалист доктор – хирург по абдоминална хирургија. Поддржувач сум на демохристијанската идеологијa и семејните вредности.

Љубител и поддржувач сум на спортот, посебно на фудбалот и ракометот. Исто така поддржувач сум на родовата еднаквост и се залагам за еднакви права и можности помеѓу мажите и жените. Всушност и неможе да биде поинаку кога сопругата е една од малкуте жени хирурзи во државата.

Исто така се залагам за социјална еднаквост и онаа што најмногу ми смета е дискриминација и ароганција.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Порака до жителите на општина Босилово. Зошто да ви ја дадат довербата?

РИСТО МАНЧЕВ: Како кандидат за градоначалник на општина Босилово, довербата од граѓаните ја барам со програма која опфаќа реализација на проекти во повеќе области и во сите населени места. Програма која е реална и остварлива и со чија реализација ќе се решат многу проблеми на граѓаните, со што општина Босилово ќе биде поубаво место за живеење, а со тоа ќе се подобри и квалитетот на живот на сите граѓани.

Во наредните четири години, ќе работиме паралелно и истовремено на повеќе проекти за да можеме да ги оствариме целите. Имаме програма, имаме конкретен план и визија за работа. Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат разликата и ќе ја препознаат мојата посветеност за работа.
За четири години, општина Босилово ќе биде модерна и инфраструктурно-уредена општина, со јасно дефиниран развоен пат и со богат културен и социјален живот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како сте задоволни од кампањата и што очекувате на изборите ?

РИСТО МАНЧЕВ: Кампањата се одвива доста успешно. Се чувствува позитивната енергија кај граѓаните, се чувствува поддршката и нивната желба за промени во општина Босилово. Затоа ги повикувам сите граѓани да се обединиме, заедно да ги донесеме промените во општина Босилово, заедно да изградиме нова иднина со чесна и посветена работа и со реализација на одржливи проекти со кои ќе се подобри квалитетот на живот на сите граѓани во општина Босилово.

Очекувам граѓаните да ми ја дадат довербата и очекувам поддршка од сите граѓани, независно од нивната партиска определба, затоа што сите се соочуваме со исти проблеми и потреби. Јавно се обврзувам дека ќе бидам градоначалник на сите, градоначалник кој обединува и кој што не ги дели луѓето по ниеден основ. Еднаш засекогаш треба да заборавиме на поделбите, да се фокусираме на работа и на проекти затоа што само така можеме да ги решиме проблемите во општината.