ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО ЕЛИ ПАНОВА: СТРУМИЧАНИ, ГЛАСАЈТЕ ЗА БРОЈОТ 14 И ДАЈТЕ ШАНСА НА ОБНОВАТА НА МАКЕДОНИЈА!

јули 11, 2020

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кандидат сте за пратеник од Партијата кон чија платформа се имате придружено веднаш по Вашето дипломирање на Правниот факултет во Скопје, во 2007 година. Извршувавте различни партиски функции, како на локално, така и на државно ниво. Што е она што Ве држи во една нераскинлива врска со ВМРО-ДПМНЕ 13 години наназад?

ЕЛИ ПАНОВА: Пред се’ треба да го анализираме поимот „функција“. Овој поим нема исто значење какво што имаше во минатото. Искуството во партијата со различни структури и групи создава кадар. Партијата инаку постои за да води одредена политика, во овој случај политичките партии водат политика за доброто на граѓаните. Ако веќе работиме за граѓаните, јас би рекла дека различните партиски функции имаат иста вредност. Сите сме фокусирани за едно, а тоа е доброто на граѓаните. Разликата што ја почуствував е само потребата повеќе да се вложам себе си во ова. Различните нивоа, се различен предизвик. Најнапред започнуваш да учиш од некого, а потоа продолжуваш ти да ги советуваш и консултираш помладите.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Многумина ќе Ве опишат како силна и вечно позитивна личност, а пред се’ борбена мајка на две деца која успешно ги надминува сите животни предизвици и која е пример за истрајност. Согласни ли сте дека голем дел од вашето гласачко тело се жени кои искрено Ви се восхитуваат Вам и Вашите заложби?

ЕЛИ ПАНОВА: Жените меѓусебно се разбираат и без да говорат. Восхитот е меѓусебна релација. Секоја од нас се разбира на посебен начин. Можеби мојата професија во моментот, да има повеќе публицитет, но верувајте дека и јас им се вохитувам на многу жени кои се да не речам “позади камерите“, а кои макотрпно се борат и со судбината на својот живот, но и со трнливиот пат до успехот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Сметате ли дека е крајно време во Законодавниот дом да има еднаква доминација помеѓу двата пола?

ЕЛИ ПАНОВА: Секако дека да, но не со сила. Свесна сум дека во Македонија има доволно храбри, паметни и успешни жени кои може да придонесат за родова балансираност во Законодавниот дом, но не да се поставуваат жени кои ќе служат како пи-ар кампања и политички пропагандни видеозаписи, кои ќе одекнуваат дека еве ние постигнавме родова еднаквост. Во Законодавниот дом треба да влезат квалитетни жени, без разлика на идеолошките сфаќања, а не како што ова во моментот ни се случува, а кое јас би го нарекла нашминкана демократија. Да бидам правилно сфатена, истото го сметам и за мажите. Доста беше од луѓе кои во домот влегуваат и четири години ништо да не преречат, уста да не отворат.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: По професија сте магистриран правник од областа на деловното право. Дали треба да очекуваме вашите најголеми заложби во Собрание да бидат насочени токму кон оваа област? Ако да, кои правни реформи сметате дека се неопходни?

ЕЛИ ПАНОВА: Јас веќе во неколку обраќања декларира дека најнапред треба да ги застапам правата на самохраните родители. Би било предавство кога ќе можам да не подадам рака, или симболично да речам, да кренам рака. А ако зборуваме за правните реформи, тогаш навистина се нужни темелни реформи на правниот систем.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Годинава, изборната кампања се одвива поинаку. Колку сте задоволна од одзивот на граѓаните? Може ли успешно да се води кампања и истовремено да се почитуваат сите мерки за заштита од ковид-19?

ЕЛИ ПАНОВА: На ова прашање ќе се насмеам бидејќи можеби и ќе ми речете дека копираме исти одговори, но дефинитивно сите ние кои сме на листата на ВМРО- ДПМНЕ од Струмица го делиме истиот став. Потполно би се согласила со ставот на моитe колеги дека за време на ова кампања нам последно нешто што ни е потребен е масовен одзив на средбите. Јас и за време на кампањата и за изборите но и потоа. препорачала на граѓаните да останат дома, заштитени, да не се групираат, да не се изложуват. Време за прослави ќе имаме многу, сега е време да се заштитиме.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Познавате ли лично дел од вашите политички противници – кандидати за пратеници од СДСМ? Сметате ли дека битката за доверба кај граѓаните помеѓу вас ќе биде тешка?

ЕЛИ ПАНОВА: Речиси сите на еден или друг начин се среќаваме или се познаваме во Струмица. Ги познавам кандидатите од различни политички субјекти. Има навистина солидни предлози но, сепак не верувам во програми без посилна структура која ветува реализација. Најважно е се разбира, на крајот од денот, да се почитуваме како луѓе да создаваме заедница во која треба да се живее во соработка.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што Ели Панова може да им вети на струмичани како нивен пратеник во Собрание?

EЛИ ПАНОВА: Сите заложби како жена, мајка на две деца, ќе бидат остварени. Јас влегувам со една цел, а тоа е да докажам дека време е за нови гарнитури, луѓе кои ќе работат во името на граѓаните.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Набројте ни капитални проекти кои ВМРО ДПМНЕ ќе ги реализира во струмичко и поради кои струмичани без размислување треба да ја дадат поддршката токму на вашата партија?

ЕЛИ ПАНОВА: Програмата Обнова ветува многу проекти кои се однесуват на нашиот регион. Постојат проекти во областа на инфраструктурата, поврзување на индустриски зони, реконструкции и изградба на патишта и гасовод. Реконструкција на здравствените установи. Ивестиции во образованието, во подобрување на стандардот на младите. Подобрување на еколошката свест и чување на средината. Инвестиции во туризмот.
Главната порака овде е: дека она што ние го ветуваме – значи сигурна реализација.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, што ќе им порачате на струмичани?

EЛИ ПАНОВА: Да излезат и да гласат. Да го чуваат своето, но и здравјето на луѓето околу нив. Да не следат лажни вести. Да гласат одважно и одлучно за број 14. Да му дадат шанса на ВМРО- ДПМНЕ и Обноватa!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ