ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: РЕДНО ВРЕМЕ Е СТРУМИЧАНИ ДА ГЛАСАТ ЗА ПРОГРАМА!

јули 10, 2020

Интервју на Струмица Денес со Д-р Јадранка Поцкова, кандидат за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Во продолжение проследете го:

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кандидат сте за пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за Обнова на Македонија. Кои се нишките кои Ве поврзуваат со оваа партија, пред се’ како личност, а потоа и како лекар?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Почитувани, пред се ви благодарам на одвоеното време да ме контактирате за интервју. Луѓето кои се отприлика на моја возраст добро знаат низ што се поминале. Од приватизации, крадења, зделки, угнетување на народот, омаловажување, па се до денеска. Сонот Македонија да биде подобро место за живеење, каде ќе се цени трудот, квалитетот и умешноста, земја во која нема да се срамиме да кажеме дека сме Македонци, дека тоа е македонско и дека државата има име кое е Македонија. Тоа се главните нишки кои ме поврзуваат со ВМРО-ДПМНЕ. Знаете што ќе кажам само, дека професијата не смее постојано да биде вмешана во политиката. Јас сум лекар, а лекарот во мене од една страна и политичарот од друга страна ги ставам во различен кош. Искуството којшто ми го дал тој лекар на мене ќе го искосристам во политиката. Организацијата, културата, начинот на комуникација, почитта кон сите граѓани, експресноста, ангажираноста ќе бидат имплементирани во политичарот во мене. Политичарот истокако и докторот не се гради, тој се живее со другите. Затоа дојде време кога јас сакам да излезам и да го застапувам политичарот кој сите овие години наназад ме убедуваше дека време е да го кажам јасно и гласно мојот став.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Од гледна точка на медицински специјалист, може ли успешно да се води кампања и истовремено да се почитуваат сите мерки за заштита од ковид-19?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Секако дека може. Ова е ера на интернетот. Да тргнам од мене. Пред неколку години никој не ни очеуваше дека сите политички кампањи ќе се сведат на интернетот, а ете се случи. Ние повозрасните кои повеќе од половина од нашиот живот сме ги поминале без паметни телефони, сега сме тие кои први безусловно приморени да научат како да ги ракуваат. Ако не се појавеше „Ковид-19“ јас ќе бев првата таа која ќе им препорачував на граѓаните да останат пак во своите домови бидејќи е месец јули, а надвор температурите можат да бидат високи. Вакви избори во јули не се секојдневие кај нас. Затоа, сметам дека да се води умешно кампања, а да се заштитат граѓаните секако дека се може. Бидејќи изборите, особено овие се навистина многу важни !

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Првпат сте во политичка трка – препознаваат ли во Вас струмичани ново, неизвалкано лице, кое може да работи поинаку од останатите? Сметате ли дека одлуката на ВМРО ДПМНЕ 95% од пратеничките листи да бидат составени од нови, досега непознати имиња, е исправна?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Се надевам дека е тоа така. Но, ова е наша одлука. На новите луѓе кои самоволно се решија да се кандидираат на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ. Нашата партија е отворена за соработка. Јас инаку сум долгогодишен член и активист на ВМРО-ДПМНЕ. Отсекогаш имало и ќе има луѓе кои ќе ги променуваат своите ставови, што сметам е нормална работа. Ако до вчера некој упорно сметал дека припаѓа во редовите на друг субјект поради програма, може да побара сега соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме отворена партија за секого. Сакаме да слушнеме поразлични мислења и ставови. Јас искрено сакам повеќе да слушам кога некој ќе ми каже дека грешам отколку да ми зборуваат постојано дека добро ги водам работите. Сакам конструктивни критики, сакам да дискутирам со луѓето со различки политички погледи. Тие ми ја даваат објективната слика за состојбата во државата. Затоа одлуката на ВМРО-ДПМНЕ не треба да биде ваква само за овие избори, треба да биде за сите кои ни престојат. Утре ќе се родат нови паметни и иновативни луѓе, ним дефинитивно треба да им се даде шанса.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: На струмичани сте им позната како началничка на Одделението за неврологија. Долги години сте дел од македонскиот здравствен систем. Кои се недостатоците на здравството, да започнеме еве, од локално ниво? Што ѝ недостасува на Струмица за да има квалитетното болничко опслужување?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: На ова тема не треба многу да се дискутира кога сите знаеме дека на здравството во Македонија не му треба ремонт, туку треба да се обнови од темели. Во моментот здравството ни е само нашминкано дека нешто функционира. Излезете на улица и прашајте некого. Одоговорот на ова прашање најдобро ќе го добиете од граѓаните, јас како лекар и моите колеги заедно правиме се’ што можеме да јас дадеме најдобрата услуга. И ние и граѓаните заслужуваме многу подобри услови.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Каков е вашиот коментар за миграцијата на младите лекари надвор од земјава?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Тоа е резултат на сето ова што се случуваше во изминатите години. Добриот маркетинг дека здравството функционира во државата е само здравата лушпа на гнилото јаболко. Црвот копа во внатрешноста на јаболкото, а од надвор го гледате како многу вкусно. Тоа дупче на мазната површина е вратата низ која излегоа сите наши колеги. Ако сакаме да се вратат назад, тие нема да се вратат во истото јаболко, нив им треба ново здраво јаболко. Жално е кога се допишуваме со нив наместо после работа заедно да пиевме кафе.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Факт е дека за гласачите најпривлечна изгледа идејата за добро здравство. Современото здравство е еден од основните столбови на секоја држава. Во тој поглед, како ангажман да очекуваме од Вас во Собрание? Кои се клучните работи кои ВМРО-ДПМНЕ ги ветува за реорганизирање на здравството?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Програмата Обнова содржи многу разумни идеи и новитети кои сметам дека може да го подобрат здравствениот систем. Нов пристап кон лекарската фела и истовремено подобра услуга кон пациентите е главната идеја на Обновата. Мора да се почитуват лекарите и медицинскиот персонал, кризата која ја живееме ни даде добар повод да веруваме повеќе во битката на луѓето во бел мантил. Пациентите пак мора да бидат навремено заштитетни и квалитетно услужени. Постојат повеќе проекти кои ги предвидува програмата Обнова како изградба и опремување на здравствените центрите во земјата, усовршување на постојните и создавање на нови кадри.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, што би им порачале на струмичани?

Д-Р ЈАДРАНКА ПОЦКОВА: Редно време е струмичани да гласат за програма. Мојата цел како Јадранка Поцкова не е со намера да привлече гласачи поради тоа што таа е на листата, мојата цел е да ја реализирам програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Богата и издржана програма. Затоа време е да започнеме да размислуваме поинаку, да заборавиме на локалната верност и да се фокусираме на успешна Македонија.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ