АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ: Во Струмица 18 години владее еден човек и едно семејство, време е за промени!

јуни 24, 2020

Потпретседателот и носител на изборната единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вчера на почетокот на изборната кампања од Струмица порача дека е време да се случат промените за да може народот да ја види разликата.

Решив кампањата да ја стартувам овде од Струмица како носител на четвртата изборна единица затоа што сметам дека промената мора да тргне токму од тука од Струмица. Во Струмица имаме едно континуирано 18-годишно владеење на една структура, на еден човек и едно семејство и време е за промени. Време е да се случат промените за да луѓето ја видат разликата, рече Николоски.

Николоски пред Струмичани ја презентираше програмата за Обнова на Македонија, додавајќи дека главен фокус на програмата е економијата и најави реализација на 1.000 проекти за четири години.

Во делот на економијата се обврзуваме дека невработеноста ќе ја спуштиме под 10 проценти. Се обврзуваме дека платите ќе растат и ќе пораснат најмалку за 25 проценти во следниот четиригодишен период. Се обврзуваме на кратење на даноците, сегашните даноци пред се данокот на доход и персоналниот данок, како и данок на профит ќе се намалат на 8 проценти рамен данок. Во делот на економијата одвојување од најмалку 1 денар од акцизата на горивата за развој на спортот, нешто што ни е насушно потребно како држава, особено надвор од Скопје, затоа што потребно е да се развиваат спортските клубови, истакна Николовски.

Тој најави и инфраструктурен бум во Изборната единица 4 и инвестиции за четири години од над четири милијарди евра.

Изградба на автопат од Велес преку Прилеп и Битола. Довршување на експресниот пат од Штип до Радовиш, како и изградба на исти таков од Радовиш до Струмица и ревитализација, реконструкција и проширување на патот од Струмица до Ново Село и до бугарска граница, со што Струмица и Скопје, како и Струмица и Бугарија и Струмица и на север Србија автопатски ќе бидат поврзани што дополнително треба да го забрза економскиот раст, посочи Николоски.

Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на враќање на функционална правна држава и одговорност за криминалот и корупцијата, односно како што рече нулта толеранција за корупција.

Враќање на функционалната правна држава во овие три години на СДСМ, но и 5 години од политичка криза целосно е погазен системот на владеење на правото. Се обврзуваме на воведување на функционална правна држава и одговорност за криминалот и корупцијата, изјави Николоски.

Во однос на образовниот и здравствениот систем, Николоски нагласи дека ќе има повисоки плати за образовниот кадар, како и силен инвестициски бум во здравството, но и зачувување на лекарите и медицинскиот персонал во државата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ