Љубица Спасова е еден од кандидатите за пратеници на СДСМ кои на 15 јули ќе ја очекуваат поддршката на граѓаните од изборна единица 4. Таа е мајка на две деца, сопруга и професор во СОУ „Димитар Влахов“, а оваа кандидатура е нејзиниот прв чекор во македонската политика.
На нашето прашање со што очекува да ги придобие симпатиите на гласачите, професорката е децидна – со чесноста и транспарентното работење. Целосното интервју погледнете го во продолжение.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Првпат сте предложени за пратеник, а Вашата кандидатура всушност претставува и Ваш прв чекор во политиката. Мислите ли дека вашата досегашна изолираност од политичкиот свет ќе Ви донесе дополнителни поени кај гласачите? Дали поради тоа тие во Вас ќе препознаат ново и неизвалкано лице во кое може да имаат доверба, или сметате дека досега познатите лица се во поголема предност?
ЉУБИЦА СПАСОВА: Најпрвин сакам да кажам дека предлогот за пратениник од СДСМ за мене пред сѐ представува огромна чест, секако тоа е и една огромна обврска, а сето тоа е валоризација на моите досегашни активности во матичната партија, каде и не сум баш до толку анонимна бидејќи сум силен поддржувач на програмските определби и редовен активист на политичките активности. Добиените гласови не ги очекувам како резултат на мојата политичка изолираност односно како ново лице туку се потпирам на своите квалитети, на големиот круг на луѓе кои ме познаваат и на силната поддршка како жена борец од моите сопартиици во улога на гласачи.
Политичкото искуство за жал често носи и некоја заситеност кај граѓаните и можеби настапот како ново лице на политичката сцена и да дава некоја минимална предност која би се изгубила уште на првиот чекор доколку на граѓаните не им ги претставиш личните квалитети и доколку не ја видат чесноста и искреноста која јас ја поседувам.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вие сте сопруга, мајка на две деца и работите како професор. Колкаво е значењето на концептот на СДСМ за еднаква застапеност на двата пола во кандидатите за пратеници?
ЉУБИЦА СПАСОВA: Конечно СДСМ ја отвори вратата на најважната институција на Државата за рамноправен влез и на женскиот интелектуален потенцијал. Еве како што рековте доаѓам од образование и сум професор во средно училиште во кои жените професорки доминираат во однос на мажите над 70 %, да ги погледнеме судовите и таму ќе видеме процентуална доминација на жени судијки , последните години жените лекари го зедоа приматот во бројност пред мажите како и во многу други институции.
За мене е чест што токму мојата партија прва го направи чекорот таа рамноправност да се преслика и во Законодавниот дом што ете е причина плус за поголема поддршка на овие избори.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што Љубица Спасова може да им вети на граѓаните доколку влезе во улога на нивен пратеник во Собранието?
ЉУБИЦА СПАСОВА: Љубица Спасова на граѓаните како нивен пратеник им ветува: чесност, транспарентност и отчетност . Им ветува нивен –народен пратеник во вистинска смисла на зборот, им ветува дека ќе биде слушател и мегафон на нивните проблеми и потреби и неуморен борец за решавање на истите.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Бидејќи долги години работите како професор во СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, би требало ли да очекуваме ваши заложби, особено во областа на образованието?
ЉУБИЦА СПАСОВА: Нормално е кога некој професионалец испраќате во Собранието да очекувате посебен ангажман во доменот на неговата професија, во мојот случај образованието. Несомнено дека во моето долгогодишно искуство ги имам воочено сите недостатоци во образовниот систем и секако ќе ја искористам можноста како пратеник во Собранието да дадам сѐ од себе за нивно решавање како и додавање на квалитетни промени.
Во образовниот процес сум вклучена како професор по стручни предмети од областа на земјоделието, а самиот факт што ќе бидам претставник на еден земјоделски регион (притоа знаејки ги потребите на земјоделците) ми отвара уште една обврска – покрај целосниот ангажман во унапредувањето на образовниот процес, да го вклучам својот капацитет и во делот од земјоделието со што граѓаните давајќи ми ја својата доверба ќе имаат свој претставник во двата најбитни сектори во нашиот регион земјоделието и образованието.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, што би им препорачале на граѓаните од Струмичко?
ЉУБИЦА СПАСОВА: Како Кандидат за пратеник од ИЕ 4 чувствувам обврска да им вратам со доверба на довербата на граѓаните од целата изборна единица , но секако најголемата комуникација ќе биде со граѓаните од матичната Општина Ново Село, другите две рурални општини Босилово и Василево како и Струмица.
На граѓаните им препорачувам да ги следат своите идеи и цели и да го изберат вистинскиот прав пат за остварување на истите, а трасиран од СДСМ.
Овде би го искористила и слоганот на коалицијата предводена од СДСМ – Заедно МОЖЕМЕ уште повеќе, уште подобро!
Затоа ги повикувам на 15 јули да излезат на гласање притоа почитувајќи ги мерките и препораките за заштита од Ковид-19 дадени од Здравствената комисија.
Ви благодарам.