strumica denes logo

Земјоделките во Македонија ќе добиваат еднократно по 81.000 денари за време на породилно отсуство!

Автор:

Датум:

октомври 31, 2023

Автор:

Датум:

октомври 31, 2023

Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година е одлично решение што овозможува земјоделките да добиваат паричен надоместок за време на мајчинство, за период од 9 месеци.

– Тоа е голем успех за земјоделките и за земјоделците, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка – велат од Националната федерација на фармери (НФФ).

Преку оваа програма, земјоделките ќе имаат право на платен надоместок во случај на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право за земјоделките, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, се остварува за прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении.

Од НФФ посочуваат дека програмата обезбедува еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари.

– Оваа помош е наменета за жените што имаат статус на осигуреник индивидуален земјоделец согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство – потенцираат од НФФ.

Во 2022 година, преку соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, успеавме да најдеме соодветно решение преку програмата за обезбедување социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност. Програмата започна да се имплементира во текот на 2023 година, преку Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Резултатот, како што посочуваат оттаму, беше постигнат преку креирање пилот-мерка од координативна група составена од сите засегнати институции. Процесот беше фасилитиран од националната Федерација на фармери, а поддржан од шведската организација за развој „We effect“.

Од НФФ велат дека координативната група ќе продолжи со својата работа и оваа година, со цел да ја преточи пилот- програмата во системско и трајно решение.

– Беше предизвик да се најде решение за надоместок за мајчинство за категоријата земјоделци што имаат статус на осигуреник според Законот за пензиско и инвалидско осигурување и плаќаат придонеси од социјално, здравствено и инвалидско осигурување, каде што основицата е пресметана на 20 % од просечно исплатената месечна плата по работник. Тие имаат права на здравствени услуги, но немаат право на надоместок поради боледување и породилно отсуство, бидејќи не се во работен однос, односно не добиваат месечна плата од работодавец, туку добиваат приход од вршење земјоделска дејност, кој не е месечен, туку е годишен приход, во зависност од продажбата на земјоделското производство. На ваков начин, оваа категорија индивидуални земјоделци не е опфатена со прописите од работниот однос и во таа насока, групата бараше соодветно решение за и овие индивидуални земјоделки да го остварат своето право на мајчинство – потенцираат од НФФ.

Согласно со официјалната статистика на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, бројот на регистрирани индивидуални земјоделци, согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, изнесува 4.291, од кои 1.255 се земјоделки.

– Земјоделците што се регистрирани согласно со Законот за вршење земјоделска дејност, се трговци поединци што целосно ги намируваат придонесите од здравственото и социјалното осигурување, имаат статус на вработено лице и имаат право на надоместок на плата за време на спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, како и сите права утврдени согласно со прописите на работните односи – објаснуваат од Федерацијата.

Со цел да ги поддржат интересите и остварувањето на правата на земјоделките и на земјоделците, од НФФ укажуваат дека популистичките мерки не се решение и дека треба да се користат добро направени анализи, конструктивни дијалози и соработка за креирање конкретни и применливи решенија.

– Не треба да се занимаваме со политички маркетинг, кој не ги задоволува интересите на граѓаните. Соработката помеѓу невладиниот сектор и институциите е неопходна и токму таа создава конструктивни и применливи решенија. Преку една таква соработка, креирана е програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година, која е во интерес на земјоделките што имаат статус на осигуреник индивидуален земјоделец, согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство. Координативната група продолжува со работа за да прерасне ова решение од пилот-мерка во системско решение што ќе биде дел од соодветната законска регулатива – велат од НФФ.