Во рамките на проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, финансиран од Детската Фондација Песталоци и имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје, во соработка со Бирото за развој на образованието од Скопје, ученици од мешан етнички состав во основното општинско училиште „Маршал Тито“ од Струмица, следеа часови по наставните предмети општество и граѓанско образование. Со поддршка на нивните наставници, преку различни методи и наставни форми на работа, во корелација со програмски содржини од општеството, ликовното и музичко воспитување и граѓанското образование, учениците низ игри, песни и цртање презентираа пораки за развивање на позитивна социоемоционална клима во групите, меѓусебно почитување, помагање и соработка меѓу учениците од различна етничка заедница, тимско работење и заедничко дружење. Во рамките на проектот е финансирана и секција, која работи според посебен акционен план. На дел од наставните часови присуствуваа и претставници од општина Струмица и член од Советот на општина Струмица.
Општина Струмица, како партнер во овој проект, преку Комисијата за меѓуетничка интеграција во образованието формирана од градоначалникот на општина Струмица, постојано ги следи и продолжува со поддршка на активностите планирани во годишните програми на училиштата.