За пензионерите со странски пензии животот во Македонија е рај

август 26, 2023

Пензионерите кои работеле во странство и сега примаат странски пензии, убаво си живеат во Македонија.

Повеќето од нив се враќаат овде, затоа што Македонија е евтина за живот, тука имаат роднини, пријатели, сакаат да го минуваат времето во родниот крај. Пензионерите кои работниот век го минале во земјава и опстануваат со скромна пензија, велат дека примањата придонесуваат за огромна разлика во квалитетот на живот.

„Јас имам  роднина кој прима пензија од Германија, на лето си оди на одмор, во зима на скијање. Исто познавам пензионер со австриска пензија и овде за живот е евтино, багатела. Дури некои од нив велат дека им е непријатно пред другите пензионери затоа што тие немаат. Овде им е родниот крај, си имаат куќи, роднини, се враќаат тука. Странските пари овде имаат вредност“, вели Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери Тетово.

И во Гостивар објаснуваат дека имаат сограѓани повратници од странство, кои третата доба ја поминуваат во родното место. Нашите соговорници велат дека не можат да се споредуваат со оние кои стекнале странска пензија.

Имаме сознанија од пензионери кои се вратиле од Германија, Швајцарија, Шведска, Франција и разликата е голема. Споредете ја сумата која тие ја земаат со 10.000 или 12.000 денари, тоа е голема разлика. Ние нивниот луксуз не можеме да го платиме. Некои од нив овде имаат по два стана, а таму становите или куќите ги отстапиле на ќерките, синовите, внуците“, рече Мирко Трпкоски, претседател на Здружението на пензионери Струга.

Грујица Манасиев, претседател на Здружението на пензионери Пробиштип вели дека и во нивниот град има пензионери кои претходно работеле во Шведска, Германија, Австрија и тие примаат доста повисоки пензии од они кои цел живот работеле во Македонија.

„Живеат во убави домови, имаат финансиски комфор, полесно си обезбедуваат здравствени услуги, на пазар не се стискаат, туку го купуваат најквалитетното и од нас се многу подобри“, рече Манасиев.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во согласност со податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување бројот на странски пензии е 10.894.

„Износот на странски пензии е 138.837.485,00 денари, а податокот се однесува за 6 месец 2023 година“, велат од МТСП.

Пензионерите се согласни дека пензиите во Македонија мора да се зголемат за поквалитетен живот. Тие протестираа, а власта во наредниот период ќе треба да изнајде решение за нивните барања. Многу македонски пензионери живеат со пензии во висина до 15.000 денари, а просечната е 19.160 денари.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ