Вработените во училиштата и градинките и денеска на штрајк – Бараат покачување на платите!

април 12, 2022

Во голем дел од училиштата и во детските градинки во Македонија и денеска продолжува штрајкот на вработените кој започна вчера. Штрајкот е организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) со цел да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита за 18,4 проценти.

Наставниците и воспитувачите, како и вчера, се собираат во посебни простории предвидени за штрајкот. СОНК вчера излезе со процнека дека со работа прекинале околу 25.000 работници, односно, најголемиот дел од вработените во овие дејност.

Синдикалниот лидер Јаким Неделков денеска во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук упати порака да истраат во барањата.

-На сите штрајкувачи им посакувам да останат такви какви што се, на оние малкумина што не штрајкуваа им препорачувам да си го послушаат срцето, напиша Неделков.

Тој синоќа најави дека подготвуваат кривични пријави против директори на градинки кои го попречувале штрајкот на членовите на СОНК.

-Најавивме кривични пријави на секој оној што ќе се обиде да го попречи организирањето и спроведувањето на штрајкот. Во образованието немавме такви изразени случаи и тоа јавно го кажавме. Но, во градинките имаше. Веќе се подготвува една кривична пријава за директорка на градинка во Битола. Веројатно ќе има и други кривични пријави за директори во градинки, рече Неделков.

Неизвесно е дали денеска ќе дојде до средба на синдикални и претставниците на Владата за да се најде решение.

Министерот за образование Јетон Шаќири во синиќешниот настап на телевизијата Клан Македонија го оспори мотивот за штрајкот.

– Ние треба да штрајкуваме, за да се натпреваруваме за меѓународни натпревари, треба да се крева штрајк за каква било неправда кон наставниците и други разумни, оправдани штрајкови, но не повеќе штрајкови за повисоки плати, рече Јетон Шаќири.

Тој вчера најави нова средба со Синдикатот во текот на оваа недела, додавајќи оти социјалниот дијалог ќе продолжи. Синдикалниот лидер, пак, Јаким Неделков порача дека дијалогот треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ