Во организација на ЛУ Библиотека „Благој Јанков Мучето“ – Струмица, синоќа се одржа промоцијата на првата стихозбирка „Сродност“ од младата роднокрајна авторка Елисавета Ристова.
Настанот собра љубители на литературата, пријатели, семејство и почитувачи на пишаниот збор, кои имаа можност одблиску да се запознаат со поетскиот свет на младата авторка и со инспирацијата што стои зад нејзиното првенче.
Стихозбирката „Сродност“ претставува значаен чекор во литературниот пат на Елисавета Ристова и уште една потврда дека Струмица продолжува да создава и поддржува нови книжевни имиња. Промоцијата помина во пријатна и свечена атмосфера, со осврт кон творештвото на авторката и порака за охрабрување на младите да ја негуваат љубовта кон литературата и уметничкото изразување.
Од ЛУ Библиотека „Благој Јанков Мучето“ споделија и фотогалерија од промоцијата, преку која се доловува атмосферата од оваа убава книжевна вечер посветена на поезијата и младото творештво.




















