„Ако го изгубиме ликот и делото на Гоце Делчев се губиме самите себе си како Македонци“, порачаа од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ од трибината што денеска се одржа во Штип. Токму и целта на постојаните напади од страна на нашиот источен сосед, приграбувајќи го Делчев, е да не обезличат како нација, рече историчарот Слободан Ников.
„Ако го изгубиме Гоце Делчев како човек што го сврза македонското револуционерно ткиво, ќе ја изгубиме историјата, се губиме сами себе како Македонци. Целта на сето ова што се случува , односно овој силен атак, што се врши врз историјата посебно врз Гоце Делчев, целта на нашиот источен сосед е тоа да не обезличат , да го присвојат Гоце Делчев, а без него Македонија не може да да постои“, изјави Слободан Ников, историчар.
Во одбележување на роденденот на Гоце Делчев кој е и патрон на институтот, од страна на членовите ќе се организира херојска стража на неговиот гроб. Очекуват чествувањето да помине во најдобар ред иако се најавува дека на 4-ти февруари во земјата ќе пристигне и организирана група од Бугарија.
„Не уверува дека нашите сопствени деца ни се Бугари, дека се нивни, комшиски деца. Тоа ние како Македонци не смееме да го дозволиме, бидејќи во корен се бришеме и како држава и како народ“, изјави Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен во Штип, ваква трибина ќе има и во Ѓорче Петров. Историски час за ликот и делото на Гоце Делчев ќе се одржи на 4-ти февруари, каде освен историчари, свое излагање ќе има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.