ВЛАДИМИР ПУТИН: Ќе ги исполниме сите цели во Украина!

април 12, 2022

Целите и задачите на специјалната операција во Украина ќе бидат исполнети, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин нагласувајќи исто така дека Русија не планира да се изолира од остатокот од светот.

Говорејќи на церемонијата на доделување награди во рускиот космодром „Восточни“ на Далечниот Исток, каде што се очекува да се сретне и со белорускиот лидер Александар Лукашенко, Путин за руските новински агенции изјави дека Москва нема друг избор, освен да почне воена операција за заштита на Русија и дека конфликтот со украинските антируски сили беше неизбежна и само прашање на време.

„Нема сомнеж дека целите на операцијата во Украина ќе бидат остварени. Целта на специјалната операција е да им се помогне на луѓето во Донбас, Руската Федерација беше принудена на тој чекор“, изјави Путин при посетата на космодромот „Восточни“ во регионот Амур.

Исто така, според рускиот лидер, руската специјална операција има почесни цели.

Тој рече дека Русија повеќе не може да толерира геноцид, кој, како што тврди, се врши врз луѓето што зборуваат руски во регионот на Донбас.

Русија почна инвазија на Украина на 24 февруари, а борбите продолжуваат. Според процените на „Ројтерс“, најмалку 24.000 луѓе биле убиени, а речиси 11 милиони биле бегалци.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ