Владата донела вонредна препорака продавниците, кои инаку законски не смеат да работат за време на празници, да може да работат на 1, 7 и 8 јануари, односно за време на празниците Нова Година, Бадник и Божиќ.
„За време на новогодишните и божиќните празници, односно на деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, ќе може да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало.
Целта на оваа препорака, на предлог на Министерството за економија, е да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за време на празниците, посебно во помалите градови и места каде нема трговски центри.
Исто така, за време на новогодишните и божиќните празници е зголемена посетеноста од страна на туристи низ целата држава, поради што има и потреба да се овозможи да пазаруваат, а со што ќе допринесат во растот на потрошувачката во државата“, објави Крешник Бектеши, министерот за економија.