Советот на Општина Струмица на денешната 16-та седница усвои предлог-измени на правилниците за доделување ученички стипендии и за финансиска поддршка на редовните ученици со попреченост, со наод и мислење.
Според Општината, измените произлегуваат од континуираното следење на аплицирањето, селекцијата и распределбата на средствата во изминатиот период. Целта е да се обезбедат појасни услови и критериуми за доделување на стипендиите и финансиската поддршка.
Советниците ги усвоија и предлог-годишните програми за работа на општинските средни училишта „Јане Сандански“ и „Димитар Влахов“ за учебната 2026/2027 година, како и предлог-одлуката за доделување парична помош од 60.000 денари на Ирена Велков од Струмица.
Надвор од дневниот ред, беше поставено советничко прашање до градоначалникот Петар Јанков за конкурсот за идејно архитектонско решение за градскиот плоштад и за постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од централното градско подрачје, за кој во 2022 година биле организирани јавна анкета и јавна презентација.
Јанков појасни дека преку конкурсот се бара визуелен предлог за доуредување на плоштадот и воведување поинтересни содржини. Посочи дека избраното решение нема нужно да биде реализирано во целост, туку дополнително ќе се разгледува како најдобро да се вклопи во просторот.
Во однос на ДУП-от, градоначалникот информираше дека е на разгледување и дека се предвидува дополнителна јавна расправа. Тој најави и санација на оштетениот дел од градскиот плоштад во 2027 година.






















