Вистина ли е? Според анкетата на ИРИ, луѓето најмногу му веруваат на Пендаровски, Груевски е втор!

јули 11, 2023

Претседателот Стево Пендаровски е политичарот кому граѓаните најмногу му веруваат во моментов. Со 12 отсто целосна доверба кај испитаниците, плус 26 отсто со делумна доверба, претседателот Пендаровски се најде на врвот на најновата анкета на Интернационалниот републикански институт (ИРИ).

На второ место во оваа категорија е поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, со 11 отсто целосна доверба, а 19 отсто делумна доверба.

На прашањето за која партија би гласале ако изборите се следната недела, разликата меѓу двете најголеми партии е иста како и во октомври: за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19 отсто, а за СДСМ – 11, додека поддршката за ДУИ е зголемена од 7 на 8 отсто.

Популарноста на Левица паднала за два поени од 6 на 4 отсто. Втора партија во албанскиот блок е Алијансата за Албанците со 5 отсто.

Зголемена е и поддршката за членство во ЕУ. На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од испитаниците одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени, во однос на анкетата извршена во октомври лани.

Според анкетата на ИРИ поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31% од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Македонија, најниско ниво досега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.

Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од БРИМА, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се собрани од 8 април до 4 мај 2023, со метод интервјуа лице-в-лице во домовите на испитаниците.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ